Apple го засили тестирањето на четири нови Mac модели опремени со чип M4, известува Марк Гурман од Bloomberg. Apple планира годинава да ги освежи MacBook Pro, Mac mini и iMac со M4 чипови, а новите модели би можеле да ги видиме некаде во октомври.
Четирите машини имаат основни М4 чипови, според логовите на програмерите. Три од Mac компјутерите имаат процесор со 10 јадра и графички процесор со 10 јадра. Четвртиот компјутер има 8-јадрен процесор и 8-јадрен графички процесор, што не е M4 конфигурација каква што сме виделе досега. Сите четири M4 компјутери имаат или 16GB или 32GB унифицирана меморија.
M4 што се користи во iPad Pro моделите со 256 GB и 512 GB има 9-јадрен процесор и графички процесор со 10 јадра, додека чипот што се користи во моделите со 1 и 2 TB има 10-јадрен процесор и 10-јадрен графички процесор. Чипот во поскапите iPad модели е истиот чип што ќе го има во некои од моделите на Mac.
Гурман не ги спомнува M4 Pro или M4 Max чиповите, кои би се користеле во поскапите модели на Mac mini и 14-инчниот MacBook Pro од повисоко ниво, како и во 16-инчниот MacBook Pro. M4 Pro и M4 Max би имале поголем број на јадра на процесорот и графичкиот процесор, како и поголема максимална меморија.
Не е јасно дали Apple ќе претстави само модели од пониска класа со стандарден M4 чип или има и планови за моделите M4, M4 Pro и M4 Max, но овие чипови од повисока класа едноставно не се видени во логовите на програмерите.
Претходните гласини сугерираа дека освежување ќе добијат и 14-инчниот и 16-инчниот MacBook Pro, а Гурман претходно истакна дека новиот, потенок Mac mini што е во фаза на подготовка, ќе биде достапен и со M4 и M4 Pro опции за чипови.