Националниот институт за стандарди и технологија (NIST) предлага револуционерен систем „лунарно време“ за да се олесни прецизната навигација и комуникација на Месечината
Истражувањето на површината на Месечината и изградбата на постојани населби за човекот ќе бара и прецизна технологија за мерење на времето. Од американскиот Национален институт за стандарди и технологија (NIST) предлагаат нов систем за времето на Месечината со кој би се олеснил животот на астронаутите, без разлика дали се на Месечината или во вселената.
Додека традиционалните атомски часовници ги поместуваат границите на прецизноста во мерењето на времето со технолошки достигнувања кои личат на научна фантастика, оние што ја организираат иднината на истражувањето на вселената се фокусирани на попрактичен, но вонземен проблем. Атомските часовници на Месечината отчукуваат побрзо отколку на Земјата, добивајќи дополнителни 56 микросекунди на секои 24 часа.
Оваа добро позната разлика би можела да ги загрози напорите за воспоставување трајно човечко присуство на Месечината бидејќи прецизното мерење на времето е клучно за навигација по површината, мрежна комуникација и друго. На Земјата, GPS-сателитите имаат атомски часовници синхронизирани со заедничка временска референтна рамка, овозможувајќи им на приемниците да ги одредат положбата и времето со мерење на доцнењето на сигналот од повеќе сателити.
NIST сега предлага систем сличен на GPS, но за Месечината, со ново главно време таму кое би служело како временска референција за целата лунарна површина. Наместо часовниците постепено да излегуваат од синхронизацијата со времето на Земјата, Месечината би била синхронизирана во една временска зона, приспособена на намалената гравитација, објаснуваат од Институтот.
Како што е потврдено со Теоријата на релативност на Ајнштајн, времето не е униформна појава и е под влијание на гравитацијата. Гравитацијата на Месечината е послаба отколку на Земјата, поради што часовниците отчукуваат малку побрзо. Планот што го смислија истражувачите вклучува многу прецизна мрежа часовници поставени на одредени локации, како на површината на Месечината така и во орбитата.
Оваа мрежа би функционирала како навигациски систем нудејќи прецизно мерење за обидите за слетување и истражување на површината со возила. Без оваа технологија, астронаутите би можеле лесно да се изгубат. Според физичарот Биџунат Патла, целта е да се осигури дека вселенските летала ќе можат да слетаат на неколку метри од посакуваната дестинација.
Новиот навигациски систем е дизајниран да ги поддржи напорите на NASA за враќање на луѓето на Месечината. Програмата Artemis е со цел да воспостави трајно човечко присуство на сателитот додека се подготвува за понатамошни истражувања на Марс и пошироко. Според Патла, рамката што ја предлага NIST на крајот може да овозможи истражување не само подалеку од Месечината, туку и надвор од Сончевиот Систем.