Една од најпопуларните серии паметни часовници на Garmin, Fenix, доби нова генерација која донесува можност за избор помеѓу модели со AMOLED екран или соларно полнење.
Garmin го претстави Fenix 8, нова генерација паметни часовници дизајнирани за корисници кои бараат високи перформанси и добра издржливост во сите услови. Новиот Fenix доаѓа во две верзии, AMOLED и соларна, и во неколку различни големини кои треба да одговараат на секој зглоб.
Според Garmin, најголемиот модел во верзијата со AMOLED екран нуди автономија до 29 дена, додека соларната верзија го зголемува тоа на дури 48 дена. Компанијата истакнува дека AMOLED моделите доаѓаат во три големини, 43, 47 и 51 милиметар, додека соларните модели се достапни само во верзии од 47 и 51 милиметар.
Што се однесува до самиот дизајн, тој е малку променет во однос на претходната генерација, а часовникот е уште поиздржлив поради материјалите користени во неговата конструкција, титаниумската рамка и сафирното стакло, велат од Garmin. За спортистите, серијата Fenix 8 нуди уште понапредни функции за тренирање на сила со можност за планирање, а нуди и претходно вчитани активности како што се трчање, скијање, сурфање, нуркање до 40 метри длабочина и слично. Се разбира, постојат и различни здравствени сензори кои мерат пулс, стрес, спиење, VO2 max и многу повеќе.
Новиот Fenix доаѓа и со интегриран звучник и микрофон, што им овозможува на корисниците да остваруваат повици директно од часовникот, како и да користат гласовни команди без да мора да користат паметен телефон. Дополнително, Fenix 8 нуди напредни функции за мапирање и навигација, вклучително и TopoActive карти и нови можности за прилагодување на слојот на мапата, овозможувајќи им на корисниците полесно да планираат и следат маршрути.
Првичната препорачана малопродажна цена за Fenix 8 изнесуца 1.000 евра, а повеќе информации можете да дознаете на официјалната веб-страница на производителот.