Флексибилните смартфони на преклоп се присутни на пазарот повеќе од шест години и постојано се развиваат, а следната „голема работа“ веројатно ќе бидат уредите со тројно преклопување.
Досега ги видовме тизерите на компаниите Huawei и Tecno, а сега на ред е Oppo, кој го покажа концептот на својот претстоен смартфон со тројно преклопување.
Џоу Јибао, продукт менаџерот на серијата Oppo Find сподели рендер од овој уред, кој покажува дека има две шарки и главен екран речиси без рамки, додека задниот дел е покриен со кожа. Се чини дека паметниот телефон користи изменета верзија на ColorOS интерфејсот на Oppo со големи виџети и таскбар. За жал, хардверските спецификации сè уште претставуваат тајна.
Претходно оваа година имаше извештаи дека Oppo и Vivo ќе го напуштат пазарот на паметни телефони со преклопување, а Oppo подоцна тоа го негираше и истакна дека планира да продолжи да развива нови модели.