NASA синоќа соопшти дека со претстојниот лет на Меѓународната вселенска станица планира да испрати двајца астронаути на SpaceX за да ослободи места за двајца нивни колеги кои се наоѓаат на МВС, а кои таму дојдоа со вселенскиот брод Starliner, на Boeing, но не можат да се вратат на Земјата поради дефекти на бродот.
Астронаутите на NASA – Буч Вилмор и Суни Вилијамс, поранешни воени пробни пилоти – беа испратени на МВС во јуни. Тие ќе се вратат назад и на нивно место ќе дојдат Зена Кардман и Стефани Вилсон на SpaceX.
Претставници на NASA оценија дека проблемите со моторниот систем на Starliner се „премногу ризични за враќање на екипажот на Земјата според планираното“ – со Starliner.
Оваа одлука нанесе сериозен удар на вселенската програма на Boeing, која и онака се судира со тешкотии.
Вселенскиот брод Crew Dragon на компанијата SpaceX, првично наменет за испраќање на четворица астронаути на МВС, ја одложи својата мисија наречена Crew-9 од 18 август на „не порано од“ 24 септември.
„Заменетите членови на мисијата Crew-9 – Кардман (командант) и Вилсон (специјалист), ќе го задржат правото на преназначување за учество во идни летови, се вели во соопштението на NASA.
Одлуката на NASA да ја ангажира SpaceX, главен конкурент на Boeing во вселената, за враќање на астронаутите претставува уште еден неуспех за Boeing, американскиот производител на авиони што моментално е во тешка ситуација, и претставува една од најважните одлуки на NASA во последните години.