Аналитичарот на Apple, Минг-Чи Куо објави дека продажбата на iPhone 16 уредите не ги исполнила очекувањата. Најмногу закажаа новите Pro модели, кои се и најскапи
Долгогодишниот аналитичар на Apple, Минг-Чи Куо откри дека не постои „суперциклус“ за iPhone 16. Според неговите податоци од истражувањето на снабдувачите и резултатите од пред-нарачките на официјалната веб-страница на Apple, продажбата на iPhone 16 не ги исполнува очекувањата.
Имено, во текот на првиот викенд од преднарачките, се проценува дека се продадени околу 37 милиони примероци од iPhone 16 серијата, што претставува пад од 12,7 отсто во однос на минатогодишните продажни резултати на iPhone 15 серијата. Иако iPhone 16 и iPhone 16 Plus забележаа пораст на продажбата, iPhone 16 Pro и Pro Max не ги постигнаа очекуваните резултати.
Според аналитичарите, причината за послабата побарувачка за iPhone 16 Pro и 16 Pro Max лежи во фактот што новите функции во Apple Intelligence нема да бидат достапни при лансирањето на уредот на 20 септември, туку постепено ќе се пуштаат во продажба, почнувајќи од октомври па се до следната година. Дополнително, силната конкуренција на кинескиот пазар дополнително влијае на послабата побарувачка за iPhone.
Сепак, и покрај разочарувачките резултати, Куо не очекува никакви намалувања на производството, барем не во овој момент. Продажбата на Pro моделот се очекува да се подобри кога Apple Intelligence ќе стане достапна за сите, дури и за корисниците во Европската унија, а претстојната празнична сезона може да донесе дополнителен поттик.