Јапонија ги објави плановите да започне со изградба на првиот суперкомпјутер од „зета-класа“ следната година. Кога ќе биде целосно оперативен, ќе биде 1.000 пати побрз од најмоќните суперкомпјутери на денешницата.
Оваа исклучително моќна машина, чија изградба би можела да чини повеќе од 750 милиони долари, ќе ѝ помогне на Јапонија да биде во чекор со развојот на вештачката интелигенција и се очекува целосно да биде оперативен до 2030-та година.
Плановите за новата машина – за прв пат објавени на 28-ми август од јапонското Министерство за образование, култура, спорт, наука и технологија (MEXT) – откриваат дека суперкомпјутерот може да постигне брзини на скалата zetaFLOPS, што никогаш досега не било постигнато.
Операции со подвижна запирка во секунда (FLOPS) се користат за мерење на брзината со која компјутерите можат да решаваат проблеми – каде што една операција со подвижна запирка е една пресметка. Суперкомпјутер со брзина од 1 zetaFLOPS може да изврши еден секстилион (1 со 21 нула) пресметки во секунда. Најмоќните суперкомпјутери на денешницата неодамна ја пробија бариерата на „exaFLOPS“, што значи дека можат да вршат нешто повеќе од еден квинтилион (1 со 18 нули) пресметки во секунда.
Одлуката за изградба на ваква супермоќна машина е донесена „за да биде во тек со развојот на научните истражувања со помош на вештачка интелигенција“, пишува јапонската веб-страница Nikkei.
Предложениот суперкомпјутер е промовиран како наследник на јапонскиот суперкомпјутер Fugaku (0,44 exaFLOPS), кој претходно ја држеше титулата најбрз суперкомпјутер во светот, додека не беше симнат од тронот во 2022-ра година од суперкомпјутерот American Frontier (1,2 exaFLOPS) на Oak Ridge – Национална лабораторија во Тенеси. Fugaku моментно се смета за четврти најмоќен суперкомпјутер во светот.
Новата машина, која во моментов се нарекува Fugaku Next, ќе ја градат јапонските компании RIKEN и Fujitsu, кои беа вклучени во изградбата на Fugaku. За да се овозможи вкрстена компатибилност помеѓу Fugaku и Fugaku Next, вториот најверојатно ќе користи компоненти дизајнирани од Fujitsu, според компјутерскиот сајт Tom’s Hardware. Сепак, малку се знае за компонентите што ќе бидат вградени во предложената машина.
Еден од најголемите предизвици со кои ќе се соочат инженерите при изградбата на нов суперкомпјутер е да најдат начин како тој да работи ефикасно. Во 2023-та година, компјутерските експерти предвидоа дека машината од зета класа изградена со помош на тековните суперкомпјутерски технологии ќе бара енергија еквивалентна на излезот од 21 нуклеарна централа, како што претходно објави HPCwire.
MEXT одвои околу 4,2 милијарди јени (29 милиони долари) за првата година од проектот, но може да одвои до 110 милијарди јени (761 милион долари) во текот на животот на проектот, кој треба да биде завршен до 2030-та година, според Tom’s Hardware.
Под услов изградбата да оди според планот и никој друг прво да не изгради машина од класата Зета (што изгледа многу малку веројатно), Fugaku Next најверојатно ќе биде најмоќниот суперкомпјутер на Земјата.