Огромно подрачје на глечерот Твајтс на Антарктикот продолжува да се топи и поголемиот дел од него би можело да биде изгубен до 23 век, велат експертите.
Површината на глечерот приближно одговара на површината на островот Велика Британија или американската држава Флорида.
Количината на мраз што тече во морето од Твајтс и соседните глечери се зголеми повеќе од двојно помеѓу 1990-тите и 2010-тите.
Експертите велат дека глечерот и поширокото подрачје на заливот Амундсен се одговорни за осум отсто од сегашната стапка на глобално зголемување на нивото на морето од 4,6 милиметри годишно.
Тој е еден од најголемите глечери во светот и еден од оние кои најбрзо се менуваат, а доколку целосно се стопи, нивото на морето би се зголемило за 65 сантиметри.
Најновите компјутерски модели предвидуваат дека губењето на мразот ќе се забрза во текот на 22 век и може да доведе до целосно топење на ледената покривка на Западен Антарктик во 23 век.
Експертите тврдат дека е потребна брза и одржлива климатска интервенција за да се променат работите на подобро.
Научниците открија сложена и брзо променлива средина на оддалечен глечер од 2018 година, а научниците од ОК и САД се состануваат оваа недела во Британската установа за истражување на Антарктикот (BAS) во Кембриџ за да разговараат за нивните набљудувања.
Пред почетокот на проектот International Thwaites Glacier Collaboration (ITGC), малку се знаеше за механизмите што го регулираат топењето на толку голем глечер.
Роб Лартер, научен координатор на ITGC и геофизичар на BAS, рече: „Твајтс се топи повеќе од 80 години, што значително се забрза во последните 30 години, а нашите наоди сугерираат дека ќе продолжи да се топи уште побрзо“.
„Постои консензус дека топењето на глечерот Твајтс ќе се забрза во текот на следниот век“, додаде тој.
„Сепак, постои и загриженост дека другите процеси откриени од неодамнешните студии, кои сè уште не се доволно истражени за да се вклучат во големи модели, исто така може да предизвикаат забрзување на топењето порано“, предупреди тој.
Истражувачите користеле подводни роботи, нови техники за тестирање и нови пристапи за моделирање на проток на мраз и распаѓање за да добијат нови сознанија за овие процеси.
Тие велат дека иако ова ја подобрило способноста на компјутерските модели да предвидат што би можело да се случи, сè уште има многу непознати за иднината на глечерот.