Еден од првите и најголемите хитови меѓу мобилните игри доби нови сопственици на права, кои сега најавуваат рестартирање на насловот, со нови ликови и начини на игра, но со добро познатиот вирален лик
Пред десет години нов тренд го зафати светот на мобилните игри како торнадо – сите одеднаш побрзаа да ја преземат и да ја играат малата, едноставна, но многу заразна, а понекогаш и фрустрирачка игра Flappy Bird. Создадена е од виетнамскиот програмер Донг Нгуен, кој ја поставил на „Еп стор“ во мај 2013 година и на Google PlayStore на почетокот на 2014 година.
На врвот на својата популарност, веќе во февруари 2014 година Нгуен решил да ја повлече играта од продавниците за апликации бидејќи, како што напишал, „не можел повеќе да издржи“. Играта ја играле повеќе од 100 милиони играчи, авторот наводно заработувал и до 50 илјади долари дневно само од прикажување реклами, но светското внимание и славата го скршиле толку многу што тој ја повлекол играта.
Оттогаш се појавиле десетици клонови, некои и продавале мобилни телефони со инсталирана игра по висока цена. На почетокот од оваа година истече десетгодишната заштита на авторските права на нејзината интелектуална сопственост, Нгујен не ја продолжи, па правата бесплатно ги „грабнаа“ од „Гејмтек холдингс“. Оттаму сега најавуваат рестартирање на оригиналната игра.
„Птицата сега е освежена, добива нова сила и замав, па е подготвена повторно да лета“, велат авторите, кои најавуваат дека играта наскоро ќе биде достапна во продавниците за мобилни апликации. Покрај оригиналната визуелност и графика, новата Flappy Bird ќе биде збогатена и со неколку нови ликови (пингвин, робот, еднорог…), како и неколку начини на игра.
Новата апликација ќе има вградена поддршка за микротрансакции и купување додатоци, ќе има нови нивоа за купување и слично.