Сопственикот на социјалната мрежа X, Eлон Маск најави промени во функцијата за блокирање на оваа платформа, така што блокираните корисници ќе можат да ги видат објавите на луѓето кои ги блокирале.
Блокираните корисници нема да можат да комуницираат со профилите на корисниците кои ги блокирале, но ќе можат да ги видат нивните објави. Извор за мрежата X откри за The Verge дека промените во функцијата се воведуваат затоа што корисниците веќе можат да гледаат и да комуницираат со профилите што ги блокирале со префрлување на профил што не е блокиран.
Маск одамна сакаше да ја оневозможи функцијата за блокирање на X. Пред нешто повеќе од една година тој изрази желба да оневозможи блокирање на X, а исклучок беа директните пораки. Тогаш рече дека блокирањето „ќе исчезне како функција“, тврдејќи дека тоа „нема смисла“.
Во мај беше најавено дека ќе се спроведе промената на функцијата за блокирање, но не беше објавен прецизен рок. Во објавата беше наведено дека на овој начин корисниците со блокирани профили ќе можат „да откријат и да пријават потенцијално лоша содржина што претходно не можеле да ја видат“.