Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман предвидува доаѓање на суперинтелигенција во следните неколку илјади дена, ветувајќи „огромен просперитет“ и револуционерни промени кои ќе го преобликуваат нашиот свет.
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман објави блог пост во кој предвидува дека светот за неколку илјади денови ќе има суперинтелигенција. Според него, иднината нема да биде дистописка, како што тврдат некои критичари, туку ќе донесе „масовен просперитет“. Алтман верува дека наскоро ќе можеме да постигнеме работи што на нашите предци би изгледале како магија.
Алтман ја отфрла загриженоста околу растечката нееднаквост и верува дека машините нема да ги заменат луѓето, туку ќе им помогнат да бидат поефикасни. Тој го гледа општеството како веќе напредна форма на интелигенција, каде што вештачката интелигенција ќе решава сложени проблеми и ќе го отвори патот кон подобра иднина. Алтман замислува свет во кој секој човек ќе има свој „тим од виртуелни експерти“ кои ќе ги олеснуваат секојдневните задачи, како и персонализирани виртуелни тутори кои ќе го прилагодат образованието за секое дете.
Неговата визија подразбира свет во кој образованието ќе биде достапно за сите, а работните места ќе бидат многубројни, овозможувајќи „заеднички просперитет“ кој денес изгледа незамислив. Сепак, скептиците се прашуваат дали утопијата е навистина толку блиска и дали врската со технологијата ќе има негативни последици, како што е случајот со социјалните мрежи.
Алтман признава дека ќе има проблеми, како пореметувања на пазарот на трудот, но верува дека тие ќе бидат надминати, дозволувајќи им на луѓето да се ослободат од здодевната работа и да уживаат во животот. Тој заклучува дека „Зора на интелигентното доба“ е голем чекор напред, полн со предизвици, но со огромен потенцијал за подобрување.
Критичарите, како Гери Маркус, кој е истакнат противник на вештачката интелигенција сметаат дека визијата на Алтман е премногу оптимистичка и повеќе наликува на продажен говор отколку на научен труд. Други, како Ед Зитрон, изјавите на Алтман ги нарекуваат „празни ветувања“ и сметаат дека се далеку од реалноста. Во суштина, објавата на Алтман е апел за инвестирање во AI инфраструктура, за која веќе најави дека е подготвен да инвестира милијарди, користејќи ги парите на инвеститорите за да ја реализира својата визија.