Изгледа како и секој друг 3Д принтер, освен што е со големина на кран и што слој по слој гради хотел во тексашката пустина, пренесува денеска Reuters, додавајќи дека Тексас ќе го добие првиот таков хотел во светот.
Ел Космико, постоечки хотел и камп на периферијата на Марфа, Тексас, се шири. На 24 хектари земјиште се градат 43 нови хотелски единици и 18 станбени куќи и сето тоа со помош на 3Д принтери.
Тоа е првиот хотел во светот изграден со 3Д печатење, вели сопственикот на Ел Космико, Лиз Ламберт, и партнерите кои стојат зад проектот – компанијата за 3Д печатење ICON од Остин, Тексас и архитектите од Bjarke Ingels Group.
Ламберт рече дека 3Д технологијата овозможува невидена креативност.
„Повеќето хотели се затворени во четири ѕида, а вие често ја градите истата единица одново и одново“, рече Ламберт. „Никогаш не сум можел да градам со толку малку ограничувања и со толку многу флуидност … само заоблени линии, куполи и параболи. Лудо е да се гради на тој начин“, додаде таа.
Единиците сега можат да имаат архитектонски карактеристики кои инаку би биле премногу скапи за да се реплицираат во голем обем со традиционална градба, истакна сопственикот на Ел Космикo.
Во изградба се првите две единици од еднокатна куќа со ѕидови високи 3,7 метри, од кои едната е трокреветна, а другата е едноставна хотелска соба. Заоблените, беж ѕидови се испечатени со помош на Vulcan на ICON – 3Д принтер широк 14,2 метри, висок 4,7 метри и тежок 4,75 тони.
Техничар за печатење го надгледува Vulcan, кој ја користи својата роботска рака за да ја заврши работата на градилиштето.
„Мастилото“ на овој 3Д принтер е специјален материјал базиран на цемент наречен Lavacrete, мешавина дизајнирана за цврстина, достапно производство и можност за печатење.
Директорот и основач на ICON, Џејсон Балард рече дека работниците ги приспособуваат и мешаат состојките во зависност од временските услови.
„Магијата се случува во адитивите кои ни овозможуваат да продолжиме да печатиме“, рече Балард, додавајќи дека влажноста, температурата и зрачењето влијаат на однесувањето на материјалот, па дури и на крајната боја.
ICON работи и на станбен проект во близина на градот Остин, кој исто така ќе биде изграден со помош на технологија за 3Д принтери.
На долг рок, 3Д-конструкцијата може да замени некои квалификувани работници, рече Милад Базли, предавач по наука и технологија на Универзитетот Чарлс Дарвин во Австралија.
„Мислам дека од социјална гледна точка и во однос на ефектот врз економијата, особено врз локалните работни места и оддалечените области, тоа ќе биде еден од предизвиците што треба да ги земеме предвид кога зборуваме за методот на 3Д печатење.“, рече Базли.
Проширувањето на Ел Космикo треба да заврши до 2026 година. Цените на хотелските единици ќе се движат меѓу 200 и 450 долари за ноќ.