Хируршката процедура покажува дека BCI технологиите базирани на графен можат да функционираат надвор од декодирањето и преведувањето на мозочните сигнали и да станат сигурна алатка во прецизната хирургија и невротехнологијата
Каталонската компанија Inbrain Neuroelectronics е специјализирана за развој на терапии базирани на интерфејсот „мозок-компјутер“. Овој пионер на нервните технологии базирани на графен ја објави и првата процедура за кортикален интерфејс кај пациенти со тумор на мозокот. Технологијата BCI на Inbrain може да направи разлика помеѓу здравото и канцерогеното мозочно ткиво со микрометарска прецизност.
Нова ера на BCI технологијата
Ова, всушност, значи дека BCI технологиите базирани на графен можат да функционираат надвор од декодирањето и преведувањето на мозочните сигнали и да станат сигурна алатка за употреба во прецизната хирургија и невротехнологијата. Студијата, која беше поддржана од Универзитетот во Манчестер и проектот на Европската комисија, беше спроведена во кралската болница Салфорд, во близина на Манчестер.
– Оваа постапка отвора нова ера на BCI технологии и го отвора патот за невронско декодирање во терапевтскиот третман – ја опишуваат истражувачите нивната платформа, која ги користи исклучителните својства на графенот, материјал кој се состои од еден слој атоми на јаглерод. Овој најтенок познат материјал е посилен од челикот и поседува уникатна комбинација на електронски и механички својства, што го прават идеален за невротехнолошки иновации.
Револуционерен уред
– Ја снимаме мозочната активност во областите каде што традиционалните метали и материјали се борат со верноста на сигналот. Ова е клучно за извршување високо прецизни ресекции, притоа зачувувајќи ги функционалните способности на пациентот како движење, говор или сознание – објаснуваат неврохирурзите кои ја извршија првата процедура.
Интеграцијата на графенот и вештачката интелигенција со напредната полуспроводничка технологија овозможува нова генерација на минимално инвазивни BCI-терапии, дизајнирани за персонализиран третман на невролошки нарушувања.
Платформата за интелигентно мрежно декодирање и модулација (BCI-Tx) базирана на графен на Inbrain веќе е опишана од Американската агенција за храна и лекови како пробивен уред за рехабилитација на Паркинсонова болест, епилепсија и мозочен удар. Имено, интегрирањето на BCI декодирањето со високопрецизна невромодулација наводно ги враќа изгубените функции, ги ублажува симптомите и овозможува персонализиран третман со подобри резултати и помалку несакани ефекти.