Европската Унија официјално ги одобри новите дефинитивни тарифи за електричните автомобили произведени во Кина. Преговорите меѓу ЕУ и Кина ќе продолжат, а новите царини треба да стапат на сила од ноември.
По гласањето на 27 земји-членки, Европската Унија денеска одобри нови дефинитивни тарифи за електричните автомобили произведени во Кина. Така, Европската комисија ќе воведе царина од 35 отсто за овие автомобили, на што ќе се додаде и постојната царина од 10 отсто.
Резултатот од одобрувањето на дополнителниот данок доаѓа и покрај неколкуте гласови кои повикуваат на отфрлање на новите даноци. Меѓу оние кои им се спротивставија беа европските производители како BMW, Mercedes-Benz и Volkswagen. Сепак, Европската комисија најави дека ќе започне нова рунда преговори со Кина. Владата во Пекинг е најголемиот противник на воведувањето нови даноци.
На почетокот на оваа година, Европската комисија ја заврши истрагата која заклучи дека кинеските производители добиваат премногу субвенции од кинеската влада на штета на европските производители. Кинеските власти ги отфрлија резултатите од истрагата и се заканија дека ќе воведат царини за автомобили и храна од Европската Унија.
Како резултат на истрагата, ЕУ во јули воведе привремени тарифи за електричните автомобили од кинеско производство. Конечните нови давачки ќе треба да се запишат во официјалниот регистар до 30 октомври, велат од Комисијата.
Извршната власт на Европската Унија, исто така, прецизираше дека секоја алтернатива на овие тарифи, како што е минималната цена, мора да биде во согласност со строгите барања, кои се усогласени со правилата наметнати од Светската трговска организација (СТО).
Европската Унија се обидува да ја намали зависноста од Кина. Во извештајот потпишан од Марио Драги, поранешниот премиер на Италија и поранешен претседател на Европската централна банка, „конкуренцијата“ поддржана од кинеската држава се смета за закана за ЕУ.