Рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји денескаги исполнија скопските улици со спортска атмосфера, натпреварувачки дух и многу ведри и задоволни лица. Ваква беше сликата на стартот на јубилејното 20-то издание на Виз Ер Скопски маратон.
Трките започнаа точно во 8 часот пред Собранието на Република Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон се упатијанакај населбата Хром, по улицата Теодосиј Гологанов, по што се вратија назад во центарот на градот, каде продолжија покрај Тутунски комбинат, на Трета македонска бригада. Потоа се упатија лево по улицата Васко Карангелевски, кај Мајчин Дом, па потоа по Булевар Србија десно, каде полукружно се вратија на Тобако 2 и по Булеварот Јане Сандански се вратија на Трета македонска бригада и финишираа на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје.
Учесниците на 5км својата трка ја започнаа пред Собранието, по што се упатија во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат лево, по „Трета македонска бригада“ и откако свртеа полукружно кај Супермаркетот Тинекс, по истата траса се вратија назад до целта, на плоштадот „Македонија“.
Во генерален пласман, победник во машка конкуренција на годинешниот Виз Ер Скопски маратон е Хилари Чемвено (Hillary Chemweno) од Кенија, со постигнато време од 02:13:28, второто место го освои сонародникот Даниел Кипротич (Daniel Kiprotich) со време од 02:13:53, а пиедесталот го дополни македонскиот атлетичар Дарио Ивановски со резултат од 02:16:26.
Во женска конкуренција, во генерален пласман, прва на целта стигна Ирин Џеруто (Irine Jeruto) исто од Кенија со време од 02:37:52, второпласирана заврши нашата Адријана Поп Арсова со време од 02:39:39,додека третото место ѝ припадна на Вивиен Џелагат (Vivian Jelagat) од Кенија со време од 02:44:16.
Според резултатите, во конкуренција намакедонските тркачи во маратонската трка, први се Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова како најбрзи Македонци на годинешната спортска манифестација, која ги разбуди скопските улици.
Тројцата најдобри на полумаратонската трка во машка конкуренција се турски атлетичари. На полумаратонот најбрз беше Џан Хусеин (Can Huseyin) со резултат од 01:05:54, на второ место заврши Мурат Емектар (Emektar Murat) со време од 01:06:40, додека третото место му припадна на Абдуархман Гедиклиоглу (Gediklioglu Abdurrahman) со време од 01:09:47.
Победничка на полумаратонот во женска конкуренција беше Бугарката Милица Мирчева (Militsa Mircheva) со време од 01:15:49, а втората и третата позиција ги зазедоа Албанката Греша Бакрачи (Bakraçi Gresa) со време од 01:21:14 и Норвежанката Џули Ларсен (Julie Larsen) со време од 01:22:04.
Во машка конкуренција кај македонските атлетичари победник на полумаратонот годинава е Иван Пешевски со време од 01:12:58, на второ место Александар Арсов со време од 01:13:49, додека трет беше Илија Кироски со време од 01:15:27.
Победничка во женска конкуренција кај македонските натпреварувачки на полумаратонот е Милјана Ристиќ со време од 01:22:55, второто место ѝ припадна на Фросина Михајловска со време од 01:31:23, додека како третопласирана заврши Теа Божиновска со време од 01:33:44.
Победник во најкратката трка на 5 км, беше Гилман Јунузи со време од 00:15:45 во машка конкуренција, втор заврши Григоријан Никовски со време 00:15:54, а третопласиран беше Бојан Чаприќ со постигнат резултат од 00:16:16. Во трката на 5 км кај дамите, прва низ целта мина Ирма Хајдари со време 00:18:31, а место на пиедесталот имаше и за Дарија Крстевска (00:19:38) и Христина Секулоска (00:20:37).
Голема помош во организацијата на годинешниот маратон пружија и вкупно 600 пријавени волонтери, кои им поделија 25 тони вода и 2 тони овошје на учесниците, како и 54.000 безопасни игли за прицврстување на натпреварувачките бројчиња. На секои 900 метри беше поставен освежителен пункт со различно освежување за тркачите, а забавниот дел на манифестацијата беше збогатен и со 10 музички точки.
Организаторите на Виз Ер Скопски маратон им честитаа на победниците и учесниците, кои оваа година учествуваа на најмасовната спортска манифестација во Македонија, им се заблагодарија на сите волонтери за вложенениот труд и спортскиот дух, кој што секоја година го краси овој настан.
„Задоволство ми е кога ќе ги видам скопските улици исполнети со луѓе уште во раните утрински часови. Им честитам на победниците на трките, како и на сите, кои учествуваа и покажаа дека се грижат за своето здравје преку физичка активност. Благодарност до волонтерите, кои со својот труд придонесоа јубилејниот 20. Виз Ер Скопски маратон да биде одлично организиран и да помине во најдобар можен ред“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски маратон.
Главен покровител на 20. Јубилејно издание на Виз Ер Скопскиот маратон е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Сите резултати се достапни на официјалната веб страница – http://skopskimaraton.com.mk/rezultati2024