Кон крајот на оваа година ќе видиме нови MacBook Pro, Mac mini и iMac модели, надградени со новиот M4 чип, а се очекува да пристигне и освежен iPad mini
Според информациите објавени од новинарот на Bloomberg, Марк Гурман, Apple го таргетира 1 ноември оваа година како датум за лансирање на новите производи, по лансирањето на iPhone 16 серијата. Се очекува дека овој период ќе бидат претставени надградени верзии на high-end моделите на 14 и 16-инчните MacBook Pro лаптопи со M4 процесори. Овие подобрувања се насочени кон зголемување на перформансите и евентуално воведување нови функциина вештачката интелигенција.
Mac mini е исто така планиран за редизајн, со опција за користење на M4 и M4 Pro чиповите. Шпекулациите укажуваат на потенцијално уште помал дизајн на уредот. iMac исто така ќе добие надградба со претстојниот M4 чип, што би требало да резултира со подобри перформанси без значителни промени во дизајнот. Исто така, се очекува и ажуриран iPad mini.
На почетокот на 2025 година, Apple планира да лансира нови верзии на MacBook Air со екрани од 13 и 15 инчи, опремени со M4 чип. Фокусот ќе биде ставен на подобрување на внатрешните компоненти, без поголеми промени во надворешниот изглед.
Планирана е и нова верзија на достапниот смартфон iPhone SE, кој би можела да има 6,1-инчен дисплеј од раб до раб и поддршка за Apple Intelligence. Се очекува и iPad Air серијата да биде освежена со модели од 11 и 13 инчи, опремени со нови процесори и потенцијално напредни технологии на екранот. Покрај тоа, Apple работи и на подобрување на Magic Keyboard тастатурите за iPad Air и развивање на нова верзија на AirTag локаторот на објекти.
Во развој се и новите верзии на Mac Studio и Mac Pro со M4 чипови, но претставувањето може да потрае некое време. Се очекува Mac Studio да биде лансиран поблиску до средината на годината, додека Mac Pro би можел да биде пуштен во продажба некаде во втората половина на 2025 година. Покрај тоа, треба да ја очекуваме и iPhone 17 линијата и новите Apple часовници кон крајот на 2025 година, заедно со Mac компјутерите со M5 чип.