Денешниот ден претставува значаен момент за економската соработка во рамките на ЦЕФТА. Заедничкиот комитет на ЦЕФТА усвои 9 револуционерни договори, дизајнирани да ја трансформираат трговијата и економската соработка. Овие договори ветуваат реални и опипливи придобивки – поедноставување на деловните операции, создавање нови работни места и зајакнување на заштитата на потрошувачите.
Неколку дена пред одбележувањето на 10-годишнината од Берлинскиот процес, ЦЕФТА презема решителен чекор кон реализација на визијата за Заедничкиот регионален пазар. Втемелени на правилата и најдобрите практики на ЕУ, овие договори ќе ги приближат пазарите на ЦЕФТА до единствениот пазар на ЕУ и ќе го отклучат потенцијалот на новиот план за раст на ЕУ.
„ЦЕФТА е од фундаментално значење за слободното движење на стоки и услуги, стимулирајќи го економскиот раст и интеграција. Со овие одлуки создаваме посилна и пообединета економска зона, каде што бизнисите ќе можат побрзо да растат, а потрошувачите ќе бидат заштитени дури и при купување надвор од своите локални пазари. Ова е значаен момент за ЦЕФТА, бидејќи се приближуваме кон целосно усогласување со пазарот на ЕУ.
Придобивките ќе се почувствуваат низ целата ЦЕФТА. На малите и средните претпријатија ќе им биде овозможено да извезуваат и да го искористат најдоброто од дигиталните пазари, додека сите ние ќе имаме повеќе избор, подобри цени и квалитет и посилна заштита на потрошувачите,“ изјави Данијела Гачевиќ, в.д. директорка на Секретаријатот на ЦЕФТА.
Клучни поенти од 9-те договори:
1. Признавање на AEO програмите: Бизнисите кои имаат царински бенефиции на домашните пазари сега ќе ги уживаат истите привилегии на сите 7 пазари на ЦЕФТА. Ова значи побрзи и поефикасни царински постапки, што ќе доведе до значително заштедување на време и трошоци.
2. Олеснување на е-трговијата: Единствена рамка ќе им овозможи на бизнисите непречено да продаваат преку интернет низ пазарите на ЦЕФТА, што ќе им олесни на потрошувачите да купуваат без ограничувања. Дополнително, ќе бидат воспоставени стандарди за заштита на потрошувачите при онлајн купување.
3. Испорака на пакети: Новите правила ја поедноставуваат испораката на пакети помеѓу земјите-членки на ЦЕФТА, подобрувајќи ја регулаторната контрола и воведувајќи ЕУ стандарди за транспарентност на цените и квалитет на услугата.
4. Превенција од неправедно гео-блокирање: Овие правила обезбедуваат дека онлајн продавниците нема да го блокираат пристапот до веб-страниците, производите или услугите врз основа на локацијата и потеклото на потрошувачите, што овозможува неограничено купување низ пазарите на ЦЕФТА.
5. Трговски аспекти на правата за интелектуална сопственост (IPR): Хармонизираните стандарди за IPR ќе ги заштитат и бизнисите и потрошувачите од фалсификувани производи, поттикнувајќи иновации и штитејќи го пазарот на ЦЕФТА.
6. Воспоставување на електронски систем за управување со ризик: Електронската размена на податоци ќе им овозможи на царинските служби поефикасно да ги таргетираат пратките со висок ризик, подобрувајќи ја безбедноста на трговијата и забрзувајќи го движењето на стоките.
7. Олеснување на трговијата со услуги од туристички агенции и тур-оператори: Патничките агенции и тур-операторите ќе имаат полесен пристап до сите пазари на ЦЕФТА, создавајќи нови можности за раст и привлекување повеќе туристи во регионот.
8. Механизам за решавање на спорови (Дополнителен Протокол 7): Нов механизам за решавање на трговски спорови ќе гарантира правичност и транспарентност, зголемувајќи ја довербата на бизнисите во примената на правилата за олеснување на трговијата на ЦЕФТА.
9. Олеснување на моторното осигурување (Препорака): Поедноставените процеси за осигурување на моторни возила ќе им овозможат на патниците да возат низ земјите на ЦЕФТА без грижи за осигурителното покритие.
Дополнително, Заедничкиот комитет на ЦЕФТА усвои три одлуки насочени кон реформирање на внатрешното работење. Овие реформи вклучуваат нови Правилници за работа на Заедничкиот комитет, ажурирање на Одлуката за управување на Секретаријатот и создавање нови тела за надзор на соработката во новите области, како испорака на пакети, интелектуална сопственост и професионални квалификации.