Во октомври минатата година, Axiom Space и Prada се здружија заради дизајнирањето и изработката на нов вселенски костим за мисијата Artemis 3 на NASA.
Се работи за првиот екипаж кој ќе стапне на Месечината првпат по Аполо 17 од 1972 година. Астронаутите ќе бидат облечени во скафандер наречен Axiom Extravehicular Mobility Unit – AxEMU. Костимот најавен уште во 2019., е претставен за време на Меѓународниот астронаутички конгрес во Милано, Италија. Новиот дизајн ја подобрува флексибилноста, заштитата и безбедноста, потребни меѓу другото и за тн. „вселенски излегувања“ вон леталото што траат до осум часа при престој на крајно ниските температури на јужниот пол на Месечината.
Заштитната облека е речиси готова – веќе се направени тестови и симулации во простории на Axiom Space и SpaceX, како и во NASA. Последната проверка е планирана за 2025 година, откако ќе бидат завршени останатите проценки.
Скафандерот е вообичаено – бел, а со црвени и сиви детали и изгледа помодерно од типичниот вселенски костим.
„Тимот на Prada соработуваше со инженерите на Axiom за да се изнајдат препорачани прилагодени материјали и својства коишто ќе ги заштитат астронаутите од уникатните предизвици на месечевата средина и визуелно ќе ги инспирираат идните истражувања на Месечината“, соопштија компаниите.
NASA првично ја планираше мисијата Artemis 3 за 2025 година, но тоа беше одложено за септември 2026 година. Вселенската агенција ја додели мисијата на Axiom уште во 2022 година.