Во време на стабилизација на инфлацијата, започнат процес на намалување на каматните стапки, но во услови на нови геополитички ризици, пред идниот глобален економски раст стојат доста предизвици.
Новиот бизнис модел глобално е воден од новите технологии, па во амбиент на сериозни дигитални поместувања клучен фактор за растот е прилагодувањето. Аналитичарите сметаат дека токму во ова лежи најважниот фактор за раст на економиите иако, секако, растот е условен од движењето на капиталот и неговата цена. А кој го финансира овој раст и колку тоа чини е можеби клучното прашање во овој контекст.
За сите овие аспекти ќе се говори на првата годишна конференција на „Блумберг Адрија“ во Скопје „Back to business: Економски потенцијал и развојни можности за Македонија, која ќе се одржи на 29 октомври.
Релевантни соговорници ќе дебатираат за актуелните контексти за водење бизнис во земјава во услови на глобален притисок, а аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ подготви посебна анализа Unlocking Growth: Economy & Capital Markets in North Macedonia, којаќе навлезе во суштината на домашната економија и на пазарот на капитал во земјата. Настанот свечено ќе го отворат премиерот Христијан Мицкоски и Јелисавета Лазаревиќ, директорка за содржина во „Блумберг Адрија“.
Трансформацијата и новата технологија го носат бизнисот до височини кои гарантираат новина, но и стабилност во глобалните промени – на овие теми ќе се дебатира на првата панел дискусија насловена „Македонскиот реален сектор: Бизнис-модел воден од новите технологии. Душан Митрев, генерален директор на „Пивара Скопје“, кој е еден од говорниците, ќе ги сподели своите искуства за тоа како оваа компанија ги користела технолошките иновации за зголемување на конкурентноста на пазарот. Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, ќе даде свој осврт на стратегиите на неговата компанија во контекст на приспособувањето на променливиот пазар. Од друга страна, за улогата на телекомуникациската индустрија во економскиот раст ќе зборува и Методија Мирчев, главен извршен директор на „А1 Македонија“, додека Марија Дуковска-Павловска, генерална директора на „Макстил“, ќе истакне како новите технологии се интегрирале во челичната индустрија.
Комерцијалните банки ќе бидат принудени на нови потези во услови на поинаков монетарен и регулаторен амбиент. А сега, кога се случува пресврт во монетарната политика, повторно се поставува прашањето за поинтензивно кредитирање на стопанството. Но потребни ли се и други промени во финансискиот систем во земјата, дали окрупнувањето на банкарскиот сектор е решение? Сите аспекти ќе бидат дискутирани на втората панел-дискусија: „Пристап до пари во услови на глобални промени, кој го финансира растот?“ Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ќе го изнесе своето видување за предизвиците што финансискиот сектор во земјата мора да ги надмине за да го поддржи економскиот раст. Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на „НЛБ банка“ АД Скопје, ќе се осврне на можностите за домашните компании, но и на работата на банкарскиот сектор во време кога централните банки почнуваат да ја олабавуваат монетарната политика, а цените на финансирањето сè уште се високи. Марија Томеска, претседателка на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“, меѓу другото ќе зборува за тоа каква е улогата на осигурувањето и дали тоа може да помогне во создавањето подобри услови за компаниите. Мирослав Марчев, управен партнер за Северна Македонија во ПвЦ (PwC), ќе даде поширока слика за тоа како меѓународните финансиски институции се приспособуваат на глобалните промени и што значи тоа за домашните претприемачи, но и за тоа во кој финансиски сектор постои интерес од инвеститорите за стекнување постоен бизнис или за основање нов?
Сите заинтересирани за конференцијата „Back to business:Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“ можат да се пријават бесплатно на линкот.