Неодамна спроведените тестови покажаа значителен напредок во однос на безбедносната технологија во автомобилите.
Модерните автомобили користат сѐ повеќе технологии, а опциите како автоматско кочење, одржување на возилото во рамките на коловозната лента, предупредување за замор и слично стануваат стандард во сѐ поголем број возила. Таквите опции претставуваат дополнителни безбедносни механизми благодарение на кои можат да се спасат и човечки животи.
Неодамнешното истражување на Американската автомобилска асоцијација (AAA) покажа дека во последните години технологијата за автоматско сопирање значително се подобрила, и иако сè уште не е совршена, таа кај новите автомобили е значително подобра и побезбедна во споредба со возилата произведени во втората половина од минатата деценија. Станува збор за технологија која користи камери и сензори што ја следат ситуацијата околу возилото и, доколку откријат опасност, автоматски ги активираат кочниците.
Американската организација неодамна тестираше различни верзии од три исти модели на автомобили – Jeep Cherokee, Nissan Rogue и Subaru Outback, и тоа верзии на овие автомобили претставени во 2017 и 2018 година, но и последните верзии кои ги претставија оваа година, при што фокусот беше ставен токму на опцијата за автоматско кочење. Секое возило, односно технологијата за кочење беше тестирана при брзини од 19 км/ч, 40 км/ч и 56 км/ч на затворена патека, додека на средината од патеката се наоѓаше лажно возило.
Тестовите покажаа очекувани резултати – технологијата што се користи во новите модели на автомобили се покажа многу подобра и поефикасна во споредба со постарите модели. Така, сите нови возила во сите тестови закочија навреме и го избегнаа сударот, додека постарите автомобили закочија навреме само во 51 процент од случаите и го избегнаа сударот. Исто така, ова е подобрување во однос на слични тестови спроведени пред две години, во кои оваа технологија беше поефикасна во спречувањето на судари при помали брзини отколку при поголеми брзини.
Иако се работи за голем напредок и одлични резултати, еден од директорите на истражувањето во AAA, Грег Бранон, коментираше дека пред нив стојат нови предизвици за да се осигура дека ваквите системи за автоматско кочење ќе функционираат и при поголеми брзини.
Што се однесува до новото истражување, треба да се нагласи дека овие тестови вклучуваа само судари со предниот дел од возилото, додека претходните истражувања спроведени од AAA покажаа лоши резултати за странични судари и судари при свртување лево за возила кои се приближуваат.