ARM процесорите пристигнаа и до серијата Yoga Slim 7X, која сега покрај премиум дизајн, метално куќиште и OLED екран, доаѓа и со Snapdragon процесор. Иако постојат предизвици околу компатибилноста на апликациите, лаптопот се одликува со повеќе од 20 часа траење на батеријата
Во многуте модели во рамките на брендот Yoga, Slim 7x се истакнува со квалитетот на изработка, тенкиот профил и OLED екранот. Бидејќи веќе неколку години Yoga нуди и уреди кои не се 2-во-1, така и овој Slim 7x нема конвертибилни можности. Најголемата посебност покрај бројните премиум опции е преминот на ARM архитектурата, која носи многу солидни можности, долго траење на батеријата, но и некои предизвици околу компатибилноста на софтверот.
Изгледот, тежината и димензиите се меѓу најголемите предности на оваа серија. Алуминиумското темносинo куќиште (cosmic blue) со минималистички пристап без дополнителни елементи има и воен стандард сертификат, што значи дека покрај добриот изглед, ќе издржи многу во секојдневната употреба. Со само 12,9 мм дебелина, ова е еден од потенките лаптопи, а тежината од 1,28 килограми потврдува дека е уред кој лесно го оправдува називот ултрапренослив. На врвот на мониторот има испакнување во кое е сместена 1080p веб камера со заштитен капак и IR сензор за логирање во Windows Hello.
Екранот е голема предност на овој модел. Станува збор за OLED панел со дијагонала од 14,5 инчи и висока резолуција од 2944 x 1840 пиксели. Екранот има стапка на освежување од 90 Hz, постигнува извонредна осветленост од 1000 cd/m2 и покрива 100% од DCI-P3 спектарот. Екранот е сертифициран со VESA DisplayHDR True Black 600 и поддржува HDR приказ. Тастатурата има голем растојание помеѓу копчињата, позадински е осветлена и има патека на копчињата од 1,5 мм. Замерка може да бидат тесните копчиња за насока. Покрај тастатурата, од двете страни се поставени звучниците, вкупно четири, и лаптопот доаѓа со поддршка за Dolby Atmos.
Голема промена се случи под привлечната надворешност, каде што главната улога ја презеде процесорот Snapdragon X Elite X1E78100, кој има 12 јадра и не е најмоќниот во понудата, но сепак нуди доволно моќ за безгрижно користење на сите компатибилни апликации за мултимедија, канцелариска работа, како и некои посложени, како оние за обработка на фотографии. Како и другите Snapdragon процесори за Windows околина, овој чипсет доаѓа со посебни NPU единици за искористување на AI можностите на Copilot и други апликации. Со Snapdragon процесорот доаѓа и Qualcomm интегрирана Adreno графичка картичка, а покрај тоа, системот во почетната конфигурација има 16 GB RAM и 512 GB SSD. Цената при претставување на оваа конфигурација на странскиот пазар беше околу 1199 долари. Кај нас, овој лаптоп сè уште не е достапен во сите познати продавници, но во конфигурација со 32 GB и терабајтен диск може да се нарача за 1830 евра.
Што се однесува до интерфејсот, не е особено опремен и доаѓа со три USB C порти кои поддржуваат напојување и алтернативна DisplayPort функционалност. Недостасуваат HDMI, USB A и приклучок за слушалки, па за овие работи ќе бидат потребни посебни адаптери. Истовремено, Yoga Slim 7x нуди напредни мрежни можности со поддршка за Wi-Fi 7 и Bluetooth 5.4 стандард. Една од најдобрите карактеристики на ултрапреносливите уреди кои се базирани на ARM архитектурата е траењето на батеријата, а тоа е и случај овде, бидејќи Lenovo Yoga 7x може да работи повеќе од 20 часа со едно полнење.