Компанијата OpenAI до декември оваа година ќе го претстави Orion, својот AI модел кој ги поместува границите, пишува The Verge.
За разлика од претходните два AI модели на компанијата OpenAI, меѓу кои се GPT-4o и o1, Orion на почетокот нема да биде широко распространет преку ChatGPT. Наместо тоа, OpenAI планира прво да им овозможи пристап на компаниите со кои тесно соработува, за тие да можат да креираат свои производи и функции, барем така тврди извор близок до овој план.
Друг извор изјавил дека инженерите во Microsoft, кој е главен партнер на OpenAI за лансирање на AI моделите, се подготвуваат да го поврзат со апликацијата Azure најрано во ноември. И додека во OpenAI го гледаат Orion како наследник на GPT-4, сè уште не е јасно дали надворешно ќе го нарекуваат GPT-5. Како и секогаш, плановите за лансирање се подложни на промени, а OpenAI и Microsoft не сакале да дадат коментар.
Orion наводно е 100 пати помоќен во однос на GPT-4 и е одвоен од моделот o1. Целта на компанијата е да ги комбинира своите LLM-и и да креира уште поспособен модел кој би се нарекувал вештачка општа интелигенција или AGI.
Претходно беше соопштено дека OpenAI го користи o1 со кодно име Strawberry за да обезбеди синтетички податоци за обука на Orion. Во септември, истражувачите на оваа компанија го прославија завршувањето на обуката на новиот модел.
Времето на доаѓањето на Orion е клучно за OpenAI, бидејќи токму што заврши историската рунда на финансирање во износ од 6,6 милијарди долари, што бара од компанијата да изврши реструктурирање како профитен ентитет. Компанијата претрпе и значајни промени во персоналот, бидејќи техничката директорка за технологија Мира Мурати најави заминување заедно со шефот за истражувања Боб МекГру, а по нивните чекори тргна и Барет Зоф, потпретседател за пост-обука.