Радио со релативно мало влијание од Краков одлучи да ги раскине договорите на неколку надворешни соработници и да ја довери продукцијата на програмата на генеративна вештачка интелигенција, која сега ја избира музиката и ја води програмата
Може ли технологијата да го замени човечкиот елемент во креативните индустрии – е прашање кое секојдневно се поставува во врска со некоја инхерентно човечка креативна активност. Нов пример е полската радиостаница OFF Радио Краков, која стана првиот познат пример за замена на човечки радио водители со AI генерирани презентери. Тоа го направија како одговор на ниската слушаност, во обид да привлечат помлада публика, но и внимание од јавноста, но нивната одлука предизвика полемики и контроверзии.
Непостоечки водители
OFF Радио Краков, подружница на националното радио која емитува преку DAB+ мрежата и интернет стриминг, неодамна ги раскина договорите на неколку надворешни соработници и наместо тоа, одлучи на постоечките вработени да им даде на располагање генеративна вештачка интелигенција. Создадоа виртуелни личности на тројца „водители“ со синтетички гласови способни да го имитираат тонот и говорот на вистински лица, им дадоа имиња, прекари и карактери. Така, имаат „20-годишна студентка“ по име Емилија „Еми“ Нова, „22-годишен студент по акустика“ по име Јакуб „Куба“ Желински и 23-годишник познат како Алекс Шулц, „кој до неодамна студирал психологија“.
Врз основа на описите на нивните карактери и личности, кои ги подготвија човечки новинари, создадени се виртуелните водители. Тие во програмата пренесуваат информации што исто така ги подготвуваат луѓе, но со помош на GenAI алатки, ги проверуваат и ги претвораат во звучни содржини. Секој од водителите доби и двочасовна „смена“ во програмата, во која обработуваат најразлични теми од култура до човекови права, насочени кон специфични групи слушатели.
Интервју со покојната нобеловка
Автоматизацијата овозможува брза адаптација на програмските содржини според демографската анализа, што може да ја подобри слушаноста, сметаат во оваа радиостаница. Примената на AI технологија ја намалува потребата за човечка ангажираност во редакцискиот процес, овозможувајќи континуиран тек на програмата, а вештачката интелигенција им помага и при изборот на музиката.
Иако ваквата технологија предизвикува контроверзии и дискусии поради потенцијалната дехуманизација на човечката интеракција, од OFF Радио Краков порачуваат дека станува збор само за експеримент со нови алатки, кој ќе трае околу три месеци. Сите AI содржини ќе бидат јасно означени, а на слушаноста и така не можат да изгубат – и досега, велат, таа била речиси непостоечка.
Еден од првите потези на AI редакцијата исто така беше контроверзен. Имено, емитираа интервју со покојната полска нобеловка, писателката Вислава Шимборска, во кое таа, исто така изработена со AI алатки, „коментираше“ за овогодишните Нобелови награди. Слушателите беа згрозени, но претседателот на нејзината фондација изјави дека тие дозволиле таква употреба на гласот на писателката – сметаат дека таа имала смисла за хумор кој би го прифатил тоа многу добро.
OFF Радио Краков, чија програма ја продуцира вештачка интелигенција, може да го слушате (ако баш сакате) тука.