Со новото ажурирање на Windows 11 (верзија 24H2), Microsoft воведува едно многу корисно подобрување. Станува збор за побрзо спроведување на ажурирањата.
Верзијата 24H2 се дистрибуира од почетокот на месецот и е многу веројатно дека веќе стигнала и до вашиот компјутер. Во неа има низа новитети, но сега Microsoft открива дека ова големо ажурирање исто така го намалува времето за инсталација, времето за рестартирање, па дури и користењето на процесорот при месечните ажурирања на Windows.
Microsoft обично дистрибуира месечни кумулативни ажурирања, кои се наменети за воведување нови функции или заштита од нови закани. Верзијата 24H2 на Windows 11 вклучува нови начини за ажурирање на оперативниот систем, кои го прават поефикасен и побрз, вклучувајќи паралелна обработка на компонентите, скалабилно користење на системската оперативна меморија и оптимизиран кеш за ажурирање на компонентите.
Овие промени значат дека Windows 11 верзија 24H2 може да ги инсталира месечните ажурирања до 45% побрзо и со до 25% помалку користење на процесорот. Ова исто така го скратува времето за рестартирање на системот за речиси 40% на некои системи.
Microsoft исто така го подобрила големината на преземањето на функционалните ажурирања на Windows 11, намалувајќи ја за околу 200MB. Ова намалување на големината е постигнато со тоа што нема потреба да се преземаат вградените апликации за Windows 11 доколку веќе ги имате најновите верзии.