Шефот на Instagram, Адам Мосери за време на викендот објасни зошто некои видеа објавени на оваа социјална мрежа се со послаб квалитет откако ќе бидат објавени, а одговорот лежи во нивните перформанси.
Одговарајќи на прашање за тоа како старите стори објави изгледаат „заматено“ во хајлајтс, Мосери откри за што всушност станува збор.
„Генерално, сакаме да ги прикажуваме видеата во највисок можен квалитет. Меѓутоа, ако нешто не се гледа подолг временски период, а знаеме дека повеќето прегледи се забележуваат по објавата на видеото, во тој случај преминуваме на понизок квалитет на видеото. Од друга страна, ако видеото подоцна повторно стане популарно, ќе му го вратиме повисокиот квалитет“, изјави Мосери.
Сепак, додаде нешто што предизвика загриженост кај „помалите“ креатори.
„Ние сме повеќе насочени кон поголем квалитет за креаторите кои привлекуваат повеќе прегледи,“ рече шефот на Instagram, што значи дека помалите креатори би можеле да се најдат во неповолна ситуација во однос на оние кои имаат поголеми платформи.
Меѓутоа, Мосери рече дека промената во квалитетот на видеата „не е огромна“ и дека публиката повеќе се грижи за содржината на видеото отколку за неговиот квалитет на прикажување.
„Изгледа дека квалитетот е многу поважен за оригиналниот креатор отколку за публиката,“ рече Мосери, но многумина не се согласуваат со него.