Бизнис платформата LinkedIn треба да плати голема казна во ЕУ.
Ирскиот регулатор за заштита на податоци ја казни бизнис платформата LinkedIn со 310 милиони евра поради незаконска обработка на лични податоци на корисниците во Европската Унија, кои ги користеше за насочено рекламирање.
Регулаторот, исто така, бара од LinkedIn, компанија во сопственост на Microsoft, да ја усогласи обработката на податоците со Општата регулатива за заштита на податоците на Европската Унија (GDPR).
Заменик-комесарот на ирскиот регулатор, Греам Дојл, во изјавата рече дека обработката на лични податоци без соодветна правна основа е јасно и сериозно кршење на основното право на субјектот за заштита на податоците.
Компанијата LinkedIn соопшти дека спорниот случај се однесува на 2018 година и додаде дека ќе се усогласи со европските правила во предвидениот рок, наведува Bloomberg.
LinkedIn, како и многу други големи технолошки компании, има свое европско седиште во Ирска, што значи дека локалните регулатори имаат задача да ги спроведуваат правилата на ЕУ.