Изгледа дека веќе знаеме речиси сè за идниот iPhone SE 4, кој се очекува следната година. Последното протекување на информации ја дополнува целосната слика, потврдувајќи и детали што се појавија претходно.
Моделот ќе користи чипсет A18, ист како во iPhone 16 и iPhone 16 Plus, кој ќе биде комбиниран со 8GB RAM и 128GB меморија за фајлови. Ова значи дека уредот ќе може да ги понуди сите функционалности како тие уреди, вклучувајќи ја и Apple Intelligence.
iPhone SE 4 ќе понуди 6.06-инчен OLED дисплеј со резолуција од 2532 x 1170 пиксели. Ова е значителен напредок во споредба со 4.7-инчниот LCD панел на iPhone SE 2022.
Ова значи дека iPhone SE 4 ќе биде првиот од серијата без Home копче и Touch ID и ќе го прифати помодерниот изглед на најновите iPhone модели. Телефонот ќе тежи 165 грама, што е малку повеќе од актуелниот модел.
Останатите спецификации вклучуваат единечна 48MP главна камера, 12MP за селфи, поддршка за Wi-Fi 6, заштита од вода и прашина со рејтинг IP68 и капацитет на батеријата од 3279mAh (во споредба со 2018mAh на тековниот модел).
Цената на iPhone SE 4 ќе започнува од 499 долари во САД, во споредба со 429 долари почетна цена за актуелниот модел. Се очекува моделот да дебитира во март.