Во рамките на големата премиера во Кина, Xiaomi го претстави и новиот модел на паметен часовник Watch S4. Овој модел доаѓа со низа подобрувања и класичен дизајн.
На пример, користен е кружен AMOLED екран со дијагонала од 1,43 инчи, стапка на освежување од 60 херци и осветленост до 1500 нита, што е доста висока вредност. Рамката повторно е заменлива, што овозможува повеќе можности за персонализација на изгледот. Се разбира, има и широк избор на бројчаници.
Watch S4 има ротирачка мултифункционална круна и помошно копче. Поддржани се и некои гестови со раката. Во однос на софтверот е користен HyperOS 2, како и NFC и eSIM функционалности. Часовникот располага со вграден GNSS систем за прецизно следење на движењата на отворено и поддржува над 150 видови тренинзи.
Додадени се очекуваните опции за следење на здравствени параметри, вклучувајќи пулс, нивоа на кислород во крвта, квалитет на сон, нивоа на стрес и сл. Батеријата издржува до 15 дена со едно полнење или 5 дена со вклучена AoD функционалност. При користење на eSIM, овие показатели се намалуваат на 7 и 3 дена, соодветно.
Часовникот е достапен во две бои на куќиштето, црна и сребрена, со многу варијанти на ремени. Цените на моделот почнуваат од 117 евра.