Најновите податоци на IDC покажуваат дека таблет уредите и понатаму се атрактивни за купувачите. Во третиот квартал оваа година забележан е раст од над 20 проценти во бројот на нивните глобални испораки.
Според извештајот на Меѓународната организација за податоци (IDC), во третото тримесечје на 2024 година забележан е раст од 20,4 проценти во бројот на испорачани таблети низ целиот свет, со вкупно 39,6 милиони испорачани уреди.
Apple и натаму цврсто го држи првото место во овој сегмент, испорачувајќи 12,6 милиони таблети, што претставува годишен раст од релативно скромни 1,4 проценти. Samsung е на втората позиција со испорака од 7,1 милиони уреди и годишен раст од нешто повисоки 18,3 проценти, што аналитичарите го припишуваат на успехот на серијата Galaxy Tab A9.
На третото место е Amazon, кој продаде 4,6 милиони таблет уреди, постигнувајќи импресивен годишен раст од 111,3 проценти, главно благодарение на успешната продажба за време на Prime Day. Huawei исто така бележи силен раст со испорака од 3,3 милиони таблети и зголемување од 44,1 процент во однос на минатата година, а топ пет ги затвора Lenovo со 3 милиони испораки и годишен раст од 14,7 проценти.
„Постојат неколку привлечни можности за производителите да ја зголемат својата присутност на пазарот на таблети – соработка со образовни институции, забава и игри, поврзување на уреди, интеграции во здравствениот сектор и многу повеќе. Прифаќањето на функциите поттикнати од вештачка интелигенција за подобрување на корисничкото искуство ќе поттикне раст во овие области. Последните иновации во вештачката интелигенција почнаа да привлекуваат потрошувачи кои се подготвени да платат повисока цена“, изјави повисоката аналитичарка за истражување во IDC-отделот за следење на мобилни и потрошувачки уреди, Анурупа Натареџ.
Аналитичарите на IDC заклучуваат дека овој тренд на раст на пазарот на таблет уреди покажува како потрошувачите ширум светот и натаму наоѓаат вредност во овие уреди, особено преку атрактивните понуди како оние што Amazon ги нуди неколку пати годишно.