PS5 Pro ќе има 16,7 TFLOPS GPU со 16 GB наменска GDDR6 VRAM меморија и дополнителни 2 GB DDR5 системски RAM.
Конзолата PlayStation 5 Pro треба да биде лансирана на 7 ноември оваа година, по цена од 699 американски долари, односно околу 642 евра. Sony ја оправдува оваа цена со подобрената резолуција преку AI upscaling и PlayStation Spectral Super Resolution (PSSR) и стабилно играње на 60 fps, но многу корисници сметаат дека овие подобрувања не се доволни за таквата цена, и мнозинството од оние кои веќе поседуваат “обичен” PS5 изјавиле дека немаат намера да го купат PS5 Pro.
Корисникот на X, Ben (@videotechuk_), сподели слика со наводно протечени спецификации за новата конзола, кои покажуваат дека таа има 16 GB наменски GDDR6 VRAM, 2 GB DDR5 системски RAM и GPU со 16,7 TFLOPS, додека за складирање ќе биде достапен вграден SSD со капацитет до 2 TB.
Процесорот што ќе ја придвижува конзолата е x86-64-AMD Ryzen Zen 2 со 8 јадра, а за графиката ќе се грижи RDNA AMD Radeon GPU.
Со овие хардверски карактеристики, PS5 Pro треба да биде значително помоќен уред во однос на основниот PS5. Сепак, останува да се види колку овие подобрувања ќе бидат забележливи и видливи во реалноста, и многу гејмери се прашуваат дали ќе има игри кои ќе можат да ја искористат оваа моќ и дали некои од нив ќе бидат скоро неигриви на постарите PS5 конзоли, иако Sony тврди дека тоа нема да биде случај.
Сметаме дека сите нови игри ќе може да се играат на PS5 исто како досега, додека на PS5 Pro ќе има подобрувања во различни аспекти како резолуцијата, ray-tracing, fps и upscaling на постари наслови, слично како што добивате со посилна графичка картичка за gaming PC.
Сметаме дека би било неправедно доколку излезе игра што може да се игра само на PS5 Pro, но којзнае што имаат на ум во Sony, па не можеме целосно да ја отфрлиме оваа можност.