WhatsApp работи на нова функција која сега е достапна на неговиот Android бета канал, а тоа е обратно пребарување на фотографии.
Во основа, станува збор за можност за брзо онлајн пребарување на фотографијата што корисникот ја добил, со цел да ја потврди нејзината автентичност доколку е потребно.
Процедурата е едноставна. Кога корисникот ќе допре на фотографијата што ја примил, во менито „три точки“ кое се наоѓа во горниот десен агол ќе ја најде опцијата „Пребарувај на интернет“. На тој начин ќе ја постави фотографијата на Google, по што пребарувачот ќе прикаже идентични и слични фотографии, така што корисникот ќе добие подобра претстава за тоа колку е веродостојно тоа што му е испратено.
Се разбира, ова можеше и претходно да се направи рачно, но сега процесот е многу полесен, бидејќи функцијата е интегрирана во самиот WhatsApp.
Во секој случај, пребарувањето на фотографијата ќе понуди повеќе контекст, а корисникот ќе може да види дали можеби станува збор за обид за дезинформација.
Функцијата моментно е достапна само за бета тестери, така што ќе поминат уште неколку недели или месеци пред да биде на располагање за сите.