Ракетната инженерка Ванг Хаозе влезе во историјата со тоа што стана првиот цивилен астронаут од Кина во вселената.
Ванг им се придружи на своите колеги, поточно на екипажот на мисијата Шенжу-19, во патувањето до вселенската станица Тиангонг.
South China Morning Post (SCMP) известува дека оваа мисија претставува историска пресвртница и била лансирана вчераутро.
„Јас бев главно одговорна за прелиминарното истражување на нови мотори за развој на идни ракети за истражување на длабоката вселена. Никогаш не замислував дека ова ќе го доживеам како професионалец во вселенската наука и технологија. Кога се укажа прилика, се пријавив. Не можам да верувам“, изјави 34-годишната Ванг за кинеската телевизија CCTV.
Таа отпатува до станицата Тиангонг со екипажот составен од командантот Каи Ксуже и Сонг Лингдонг, астронаут за кого ова е прва мисија во вселената. Лансирањето се случи од центарот за лансирање на сателити Џиукван во пустината Гоби. Кинеската вселенска агенција потврди во текот на денот дека екипажот успешно пристигнал на станицата.
Ванг стана првата жена инженер за вселенски летови во Кина и покрај недостатокот на искуство во вселенски летови. Таа помина низ предизвикувачки тренинг и на тој начин обезбеди место во мисијата Шенжу-19. Нејзината инженерска експертиза добро ќе му служи на екипажот, особено во решавањето на проблеми.
„Можам да помогнам да се воспостави комуникација со техничарите на теренот. Кога проблемите бараат заеднички напор, моето искуство и инженерските вештини можат да дадат значаен придонес“, додаде Ванг.