Сончевиот Систем некогаш се состоел од девет планети. Астрономот Мајк Браун, познат и како „човекот кој го уби Плутон“, вели дека добивал мејлови со навреди и омраза со години откако неговото најпознато откритие помогнало да се промени тоа.
Браун е професор по планетарна астрономија на Caltech и ја открил џуџестата планета Ерис во Кајперовиот појас – прстен од ледени објекти надвор од орбитата на Нептун во близина на поранешната деветта планета. Откритието од 2005 година поттикна низа настани што доведоа до сè уште контроверзното деградирање на Плутон од статусот на планета.
Меѓутоа, како што Кајперовиот појас доведе до укинување на деветтата планета, Браун и другите научници веруваат дека можно е да открил нова, пишува CNN.
Кајперов појас
Астрономите веруваат дека Кајперовиот појас е составен од остатоци по формирањето на Сончевиот Систем. Се протега 50 пати подалеку од Сонцето отколку Земјата. Плутон сега е класифициран како џуџеста планета со Ерис и е само едно од поголемите среде многуте тела што постојат таму.
Бидејќи објектите во Кајперовиот појас се толку далеку од Сонцето, тешко се забележуваат. Повеќе од една деценија, астрономите ја бараат таа скриена планета чие присуство може да се утврди со однесувањето на другите објекти во близина. Често се нарекува Планета Х или Планета Девет.
Постојат и некои контроверзии, или спротивставени теории за самата планета, па некои истражувачи веруваат дека таа воопшто не постои. Дилемата може наскоро да биде решена, откако нов телескоп способен да го прегледува целото достапно небо на секои неколку ноќи ќе стане оперативен кон крајот на 2025 година.
Потрагата по Планетата Девет неодамна започна, но дискусиите за нејзиното постоење започнаа пред повеќе од 175 години.
„Откако Нептун беше откриен во 1846 година, најмалку 30 астрономи сугерираа постоење на различни видови транс-нептунски планети и сите тие не беа во право“, вели Константин Батигин, професор на Калифорнискиот институт за технологија. Астрономите го дефинираат секое тело што орбитира околу Сонцето надвор од орбитата на Нептун како транс-нептунско.
Батигин и Браун се меѓу најгласните поддржувачи на Планетата Девет. Тие работат на нејзино откривање од 2014 година, инспирирани од студијата на астрономот Скот Шепард и Чадвик Трухило, професор по астрономија на Универзитетот во Северна Аризона.
Шепард и Трухило беа првите кои забележаа дека орбитите на некои познати транс-нептунски објекти се чудно групирани. Дуото тврдеше дека невидливата планета – неколку пати поголема од Земјата и повеќе од 200 пати поголема од оддалеченоста на нашата планета од Сонцето – може да влијае на движењето на помалите објекти.
Повеќе теории
Батигин е коавтор на шест студии за Планетата Девет, нудејќи неколку докази за нејзиното постоење. Најновата студија, објавена во април во The Astrophysical Journal Letters, ги следи телата кои се предмет на некаков вид на пертурбација што ги става во орбитата на Нептун пред целосно да го напуштат Сончевиот Систем.
Една опција може да биде нешто што се нарекува галактичка плима, комбинација на сили од далечните ѕвезди во галаксијата Млечен Пат. Но, Батигин и неговите колеги спроведоа компјутерски симулации за да го тестираат ова сценарио против присуството на Планетата Девет, и се покажа дека таа планета мора да постои.
Според Батигин, планетата девет е пет до седум пати поголема од Земјата, а нејзиниот орбитален период е помеѓу 10.000 и 20.000 години.
„Она што не можам да го пресметам со правење на симулации е каде се наоѓа, како и неговиот состав. Веројатно е помала верзија на Уран и Нептун и веројатно учествувала во процесот на формирање на тие планети“, рече Батигин.
Но, други теории даваат алтернативни објаснувања. Студијата објавена во август 2023 година сугерира постоење на скриена планета која всушност е многу помала, 1,5 до 3 пати поголема од Земјата.
„Можно е да се работи за ледена и карпеста планета. Поради својата голема маса, таа би имала висока внатрешна енергија која би можела да одржува, на пример, подземни океани. Нејзината орбита би била многу далечна, многу подалеку од онаа на Нептун“, вели Патрик Софија Ликавка, професор по планетарни науки на Универзитетот Киндаи во Јапонија и коавтор на студијата.
Присуството на планетата е изведено од компјутерски модели кои би требало да го објаснат чудното однесување на транс-нептунските објекти, што укажува на сличности со истражувањето на Батигин. Сепак, истакна Ликавка, неговиот модел не гледа на истите орбитални порамнувања и е многу различен од оној на Батигин.
Други теории сугерираат дека аномалиите што секој се обидува да ги објасни се предизвикани од нешто сосема различно, како исконска црна дупка – создадена веднаш по големата експлозија – што нашиот Сончев Систем ја фатил додека се движел низ галаксијата. Друга идеја сугерира дека можеби нешто не е во ред со сегашното научно разбирање на гравитацијата.
Сите истражувачи се согласуваат за една работа
Некои истражувачи веруваат дека научниците откриле премалку од овие транс-нептунски објекти за да извлечат какви било заклучоци за нивните орбити.
„Имаме околу десетина такви објекти, но ги набљудуваме само најсветлите и само кога се најблиску до Сонцето“, вели Рену Малхотра, професор по планетарни науки на Универзитетот во Аризона.
Податоците се неконзистентни поради пристрасноста на набљудувањето, според Малхотра, што ги прави истражувачите скептични кон тоа. Меѓу скептиците е Шепард, еден од коавторите на студијата од 2014 година која го инспирираше истражувањето на Батигин.
Малхотра е коавтор на студија од август 2017 година која сугерира присуство на планета со големина на Марс во Кајперовиот појас, но не ја исклучува целосно хипотезата за Планетата Девет. Директното набљудување на планетата, се разбира, ќе стави крај на сите контроверзии, но сите претходни обиди беа залудни.
Батигин беше коавтор на студија во март која користеше податоци од панорамскиот телескоп и системот за брз одговор, или Pan-STARRS, опсерваторија на Хаваи, што им овозможи на истражувачите да анализираат 78% од небото каде што се смета дека е Планетата Девет – но не можеа да најдат.
„Да се види таков далечен објект без да се знае каде да се погледне е исклучително тешко и слично на барање мета со снајпер наместо со двоглед“, тврди Батигин.
„Небото е навистина големо место кога барате нешто толку темно. Овој објект е околу 100 милиони пати поблед од Нептун, па токму на работ на она што може да се забележи со апсолутните најголеми телескопи во светот во моментов“, изјави Батигин за CNN.
Во услови на контроверзи и различни мислења, сите истражувачи се согласуваат за една работа. Новиот широкоаголен телескоп кој моментално се гради би можел да ја затвори дебатата на крајот на 2025 година. Опсерваторијата Vera C. Rubin ја има најголемата дигитална камера некогаш изградена и се наоѓа на врвот на планина висока речиси 10.000 метри во северниот дел на Чиле.
„Ова е телескоп од следната генерација кој ќе го скенира целото достапно небо на секои неколку дена. Можеби веднаш ќе ја открие Планетата Девет, што би било фантастичен крај на потрагата. Но, дури и ако не открие ниту еден нов објект, тоа ќе биде доволно за да се потврди хипотезата за Планетата Девет бидејќи тие ефикасно ќе ги проверат и тестираат сите статистики и сите истражувања“, рече Батигин.