Отворена е уште една антимонополска истрага на Европската комисија. Овој пат под лупа е американскиот Corning, поради сомнеж дека со купувачите склучувал ексклузивни договори кои ја нарушуваат конкуренцијата.
Активностите на Европската комисија за регулирање на пазарот на Европската унија и заштита на фер конкуренцијата продолжуваат. Овој пат, Комисијата отвори истрага против американскиот производител на стакло, Corning. Тие се под сомнеж дека ја злоупотребувале својата доминантна пазарна позиција на светско, а со тоа и на европско ниво.
Нарушување на конкуренцијата
Како што појаснува Комисијата, Corning произведува посебни видови на алкално-алуминосиликатно стакло со висока отпорност, кое првенствено се користи во производството на електронски уреди, како мобилни телефони, и служи за заштита на нивните екрани. Нивниот најпознат производ е стаклото со трговско име Gorilla Glass, и токму во оваа област е можно дека дошло до прекршување на европските прописи. Комисијата открила дека Corning склучувал ексклузивни договори со купувачи, производители на мобилни уреди, со кои купувачите се обврзувале дека сите свои потреби за овој тип на стакло ќе ги задоволуваат само преку соработка со Corning.
Врз основа на оваа ексклузивност на соработката, Corning им одобрувал попусти и ги обврзувал да му пријават секоја можност за понуда од конкурентски производители. Со тоа, купувачите на Corning биле значително ограничени во изборот на добавувачи, бидејќи Corning им поставувал услов да купуваат стакло само од нив. Конкурентските понуди можеле да ги прифатат само ако Corning не можел да понуди слични производи по поволни цени. Во договорите имало и одредби за забрана на приговори за патентите на Corning.
Комисијата заклучува дека ваквите договори ги спречиле конкурентските производители на стакло да пристапат до значаен дел од пазарот. Како последица на тоа, купувачите добиле повисоки цени, помал избор и помала изложеност на иновации од други производители. Ако за време на истрагата се докаже дека однесувањето на Corning било незаконско, тоа ќе значи дека е прекршен член 102 од Договорот за функционирање на Европската унија, а прекршителот ќе биде санкциониран според постојните прописи.
„Многу е фрустрирачко и скапо искуство да се скрши екранот на мобилниот телефон. Затоа е важна силната конкуренција во производството на заштитно стакло за вакви уреди, за да се обезбедат ниски цени и висококвалитетно стакло. Истражуваме дали Corning, главниот производител на овој вид стакло, можеби се обидел да ги исклучи конкурентските производители на стакло, со што потрошувачите биле лишени од поевтино и поотпорно стакло,“ изјави комесарката за конкуренција на Европската комисија во заминување, Марграрет Вестагер.