Корисниците во Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави ќе можат први да го тестираат новиот интерфејс на Samsung, чија глобална објава се очекува во јануари.
Според моментно неофицијални информации, Samsung следната недела ќе ја претстави бета верзијата на новата верзија на интерфејсот, One UI 7. Според објава на долгогодишниот аналитичар Ice Universe, ажурирањето за бета тестерите ќе биде достапно по 17-ти ноември, но само во Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави.
„Предвидувам дека следната недела, по 17-ти ноември, ќе пристигне One UI 7 Бета“, напиша кусо Ice Universe на X и во коментарите даде повеќе информации за новиот интерфејс на Samsung.
One UI 7 ќе донесе нови виџети, повеќе функционалности на заклучениот екран и различни икони за некои системски апликации. Уште една козметичка промена ќе бидат поголемите известувања со заоблени агли, што би требало да ги направи попрегледни.
Новиот интерфејс ќе биде глобално објавен во јануари 2025 година заедно со претстојната серија мобилни уреди Galaxy S25.