Маск на платформата X коментираше објава на еден корисник со која беше објаснето како би можел да изгледа транспортот до оддалечени дестинации во иднина.
Пред седум години, SpaceX објави видео во кое прикажа како би можел да изгледа транспортот на иднината и како би можеле да стигнеме до кој било дел од нашата планета за помалку од еден час. Од Њујорк до Шангај би требало само 39 минути летање (што е патување што инаку трае околу 15 часа), додека летот од Њујорк до Лондон би траел помалку од половина час.
„Тоа сега е возможно,“ напиша Маск на платформата X, одговарајќи на коментарот за вселенски летови на еден корисник на таа платформа. Корисникот напиша дека под водство на Трамп, Федералната управа за цивилна авијација за неколку години би можела да му даде дозвола на SpaceX за летови со Starship кои би ги поврзувале градовите на Земјата за помалку од еден час. Така, наместо повеќечасовни авионски летови, со ракета би се стигнувало до саканата дестинација на оддалеченост од илјадници километри за помалку од 60 минути или помалку од половина час.
Како тоа е замислено, може да се види во споменатото видео на SpaceX. Патниците од Њујорк прво се качуваат на брод кој ги пренесува до лансирната рампа каде се наоѓа Starship, најголемата ракета досега направена. Во Starship би требало да има место за околу илјада патници, а по лансирањето и краткиот лет, ракетата слетува на посебна платформа. Деталите за ваквите летови сè уште не се познати, а познато е дека цената нема да биде за секој џеб и дека летовите нема да бидат многу удобни. За време на патувањето, патниците ќе бидат во состојба без гравитација, што значи дека треба да останат на своите седишта врзани со појаси.
За вакви летови, Маск претходно рече дека нема да биде можно да се користи тоалет ниту ќе се служи храна, но верува дека тоа нема да биде проблем поради краткото траење на летовите.
Иако Маск вели дека вакво нешто е веќе можно, лесно е да се заклучи дека ќе помине доста време пред ваквите ракетни транспортни средства да станат достапни. Пред тоа, Маск и SpaceX имаат многу поважни задачи – и тоа далеку од Земјата.
Имено, Starship, чие тестирање трае последниве години, треба да однесе луѓе таму каде што никогаш не биле – на Марс. Амбициозниот план на Маск е за две години да го испрати Starship без човечки екипаж на Црвената планета, а ако сè оди без проблеми, најрано во 2028 година би следела историската мисија за испраќање човечки екипаж на другата планета. Сепак, како што можеме да видиме од примерот на мисијата за враќање на луѓето на Месечината, тешко е да се планираат вселенски патувања, особено толку долги и сложени како патот до Марс, така што не треба да се чудиме ако SpaceX постојано го одложува датумот на полетување на Starship со човечка посада кон Црвената планета.