Европската комисија изрече уште една огромна парична казна за американската компанија Meta, која изнесува речиси 800 милиони евра.
Поточно, станува збор за казна од 797,72 милиони евра, која Meta ја доби затоа што практично го наметнала Marketplace на секој корисник на социјалната мрежа Facebook, без разлика дали тој тоа го посакувал или не. Според Европската комисија, ова претставува наметнување на неправедни услови за тргување на други провајдери на услуги за мали огласи.
Во суштина, огласите кои корисниците ги гледаат на Facebook се сопственост на Мета и доаѓаат преку Marketplace, што ги исклучува сите можни конкуренти поради начинот на кој тој е поврзан со Facebook.
Но, тоа не е сè. Европската комисија тврди дека Мета еднострано наметнува неправедни услови за тргување на други провајдери на огласи, кои се рекламираат на нејзините платформи, што ѝ овозможува на Мета да ги користи податоците поврзани со огласите, генерирани од други огласувачи, во корист исклучиво на Facebook Marketplace.
Истрагата на Европската комисија покажа дека Мета има доминантна позиција на пазарот на лични социјални мрежи, како и на националните пазари за онлајн прикажување на огласи на социјалните мрежи, поради што беше испитано нејзиното однесување.
Висината на казната е утврдена земајќи ги предвид „траењето и сериозноста на прекршувањето на правилата, како и приходите на Facebook Marketplace на кои се однесуваат прекршувањата“. Покрај казната, Мета мора „ефикасно да го прекине спорното однесување и да се воздржи од повторување на прекршувањето на правилата, како и од усвојување на практики со слична цел или ефект во иднина“.
Не е изненадување што Мета не е задоволна од пресудата и веќе најави жалба на одлуката со цел „промовирање на подобри резултати за европските потрошувачи“, бидејќи „Marketplace е создаден како одговор на барањата на потрошувачите“. Од компанијата велат дека Европската комисија „ја игнорира реалноста на пазарот“ и дека „ова ќе служи само за заштита на постоечките пазари од конкуренција“.