Ноемвриската полна месечина, позната како Beaver Moon, ќе биде видлива вечерва и ќе биде последната супер месечина за 2024 година, поголема и посветла од обичната полна месечина.
Месечината изгледа како полна кога нејзината позиција е директно спротивна на Сонцето, а Земјата се наоѓа помеѓу нив. Овој момент во астрономијата се нарекува „опозиција“.
За време на ноемвриската супер месечина, нашиот природен сателит ќе биде во соѕвездието Овен. Во близина, ќе можете да го забележите и познатото ѕвездено јато Плејади, кое ќе биде видливо со голо око од места со темно небо.
Месечината, гледана со човечко око, ќе изгледа целосно осветлена цела ноќ, дури и ден пред и ден по точниот датум. Највидлива од Македонија ќе биде вечерва околу 22 часот.
Beaver супермесечината е за седум проценти поголема и околу 16 проценти посветла од просечната полна месечина, но разликата е суптилна за гледање со голо око.