Кина планира да изгради база на Месечината со тули направени од месечевата почва, а дали тоа е возможно ќе покаже експеримент кој го започна во вселената.
Примероци од тули, направени на Земјата од компоненти кои ја имитираат месечевата почва, ќе бидат испратени на товарна ракета кон кинеската вселенска станица „Тиангонг“, како дел од мисијата на Пекинг за испраќање луѓе на Месечината до 2030 година и изградба на постојана база до 2035 година.
Ова е тежок предизвик: секоја градба треба да издржи огромни количини космичко зрачење, екстремни температурни варијации и потреси на Месечината, а набавката на градежни материјали е скапа процедура.
Изградбата на база од месечева почва може да биде решение за овие проблеми, се надеваат научниците од универзитетот во централната провинција Вухан.
Тие направиле серија прототипи на тули од различни состави на материјали пронајдени на Земјата, како базалт, кои ги имитираат својствата на месечевата почва.
Парчиња од овие тестни тули ќе бидат подложени на низа строги тестови откако ќе стигнат до вселенската станица „Тиангонг“.
Главно ќе се испитува нивната изложеност на вселенски услови, изјави Џоу Ченг, професор на Универзитетот за наука и технологија Хуажонг во Вухан, чиј тим ги создаде тулите.
„Едноставно кажано, ќе го ставиме материјалот во вселената и ќе го оставиме таму… за да видиме дали неговата издржливост и перформанси ќе се намалат во екстремни услови.“
Температурата на Месечината може драстично да варира од 180 до -190 степени Целзиусови.
Недостатокот на атмосфера значи дека е изложен на големи количини космичко зрачење, како и микрометеорити, додека потресите на Месечината можат да ја ослабат секоја структура на нејзината површина.
Експериментот за изложеност ќе трае три години, а примероците ќе се испраќаат на тестирање секоја година.
Добри шанси за успех
Тимот на Џоу го развил прототипот на тулите по анализа на почвата донесена од кинеската сонда „Chang’e-5“, првата светска мисија во последниве четири децении за собирање примероци од Месечината.
Овие тули, црни по боја, се три пати поиздржливи од стандардните тули и можат да се спојуваат една со друга, избегнувајќи употреба на врзивно средство, што би било предизвик на Месечината, истакнува Џоу Ченг.
Тимот исто така дизајнирал робот за 3D печатење за изградба на живеалишта.
„Во иднина, нашиот план е секако да ги користиме ресурсите на самото место, односно да изработуваме тули директно од месечевата почва, а потоа да работиме на различни сценарија за изградба, така што материјалите нема да ги носиме од Земјата,“ рече Џоу.
„Секако вреди да се обиде, бидејќи користењето материјали кои веќе се на Месечината би било многу поевтино,“ изјави Јако ван Лун, астрофизичар од Универзитетот Киел во Велика Британија.
„Експериментите имаат добри шанси за успех, а резултатите ќе го трасираат патот за изградба на бази на Месечината,“ рече тој за AFP.