Повеќето луѓе веќе знаат како функционираат привремените мејл адреси, бидејќи многу сервиси денес нудат ваков вид инбокс, најчесто бесплатно. Затоа е изненадување што ниту еден од големите технолошки „играчи“ досега не ја понудил оваа можност, но ситуацијата наскоро би можела да се промени.
Според Android Authority, во најновата Android апликација за Gmail се забележани референции за функција наречена Shield Email. Концептот е едноставен – Google би нудел привремена е-пошта која корисниците можат да ја споделат со трети страни наместо нивната „вистинска“ адреса. Пораките примени на привремената адреса ќе бидат пренасочени во главниот инбокс. Меѓутоа, ако корисникот одлучи дека повеќе не сака да прима пораки од таа адреса, може лесно да ја исклучи, избегнувајќи филтрирање на спам или други алатки.
Се претпоставува дека Google ќе дозволува само примање на пораки на привремената е-адреса, но не и испраќање.
Дополнително, се чини дека корисниците на Gmail би можеле да имаат повеќе од еден Shield Email. Засега, оваа функција е само концепт и е забележана во неколку текстуални референции и кориснички интерфејси, но Google сè уште официјално не ја потврдил. Затоа, оваа функција би можела да се појави, но постои и можност никогаш да не заживее.