Продажбата на најкористениот веб-прелистувач во светот е нешто што американските обвинители му го предлагаат на Google, за компанијата да се прилагоди на легалните пазарни услови и да го намали монополот.
Пресудата донесена во август годинава, со која се потврдува дека Google дејствувал монополиски, сигурно ќе има далекусежни последици за оваа компанија. Тоа беше познато уште тогаш, кога започнаа шпекулациите дека Google, поради незаконското монополизирање на пазарот на интернет-пребарување и рекламирање, можеби ќе мора да продаде одредени делови од својот бизнис.
Се зборуваше за издвојување на Android, најкористениот мобилен оперативен систем во светот, со што би се отворил пат за конкуренција во оваа област, или за отворање на податоците за потребите на рекламните мрежи на конкурентите. Најновите информации од Министерството за правда на САД укажуваат дека обвинителите ќе се фокусираат на интернет-прелистувачот Chrome. Најпопуларниот прелистувач во светот би можел, според судска наредба и на барање на Министерството, да биде продаден или на друг начин издвоен од сопственоста на Alphabet. Со тоа би се отстраниле одредени незаконски практики, докажани за време на судскиот процес.
Од врвот на Министерството веќе побараа од судот да му нареди на Google да го продаде Chrome, што би претставувало историски преседан во технолошката индустрија. Дополнително, се бараат мерки и во врска со системите за вештачка интелигенција и Android. Сето ова произлегува од пресудата која наведува дека Google и неговите партнери имале ексклузивни договори, што ја направило нивната пребарувачка поставка подразбирана на многу уреди. Ова го потврдува и податокот за доминација на пазарот: Google е водечкиот светски пребарувач со удел од 89%, а на мобилните уреди овој број се искачува до 93%.
Поседувањето на најпопуларниот прелистувач во светот е клучно за приходите од рекламирање на Google. Преку него, тие можат да ги следат активностите на пријавените корисници и да ги користат нивните податоци за поефикасно таргетирано рекламирање, што генерира најголем дел од приходите на компанијата. Google, исто така, го користи Chrome за насочување на корисниците кон својот нов модел на генеративна вештачка интелигенција, Gemini, па затоа и тој е споменат меѓу барањата на Министерството.
По појавата на информациите за барањето за продажба на Chrome, Google брзо реагираше со изјава: „Министерството за правда продолжува да промовира радикален план што ги надминува правните прашања во овој случај. Владата што би постапувала пристрасно на ваков начин би им наштетила на потрошувачите, програмерите и американското технолошко лидерство токму во момент кога тоа е најпотребно“, изјави извршната директорка на Google, Ли-Ен Малхоланд.