Компанијата Meta најави низа подобрувања за својата апликација Facebook Messenger.
Messenger конечно доби HD видеоповици, како и потиснување на позадинскиот шум и изолација на гласот со цел да се овозможат појасни и поквалитетни повици. Мета вети дека повиците на Messenger ќе нудат квалитет како лицето со кое корисникот разговара да е во истата просторија.
HD ќе биде овозможен по дифолт за повици воспоставени преку Wi-Fi мрежа, додека ќе може рачно да се активира за повици кои се вршат користејќи мобилни податоци. Потиснувањето на позадинскиот шум и изолацијата на звукот можат да се активираат во подесувањата на повикот.
Уште една практична можност е оставање аудио или видео порака на корисник кој не одговорил на повикот. Доволно е само да се притисне копчето „record message“ (сними порака) за пропуштени повици.
Messenger наскоро ќе добие и AI позадини за видеоповици, кои ќе „додадат малку возбуда на повикот“. За креирање на позадина, потребно е да се допре иконата за ефекти во страничната лента за време на видеоповици.
Конечно, корисниците на iOS ќе можат да побараат помош од асистентот Siri за да воспостават повици преку Messenger, како и да испраќаат пораки.