Вселенското летало Juno на американската вселенска агенција NASA помина огромна далечина во период од пет години за да стигне во орбитата на Јупитер, а долгото патување се исплатеше.
Од 2016 година, инструментот JunoCam на леталото Juno снима спектакуларни фотографии од гасовитиот џин, а најновите фотографии не се исклучок и може да се каже дека се меѓу најдобрите досега. Фотографиите вклучуваат придонес од научници и вселенски ентузијасти, кои ги користат јавно достапните „сурови“ фотографии од инструментот JunoCam и ги обработуваат.
„Видовите обработка на фотографии кои би сакале да ги видиме се движат од едноставно отсекување на фотографијата до истакнување на одредени атмосферски карактеристики, како и додавање сопствени подобрувања на боите, креирање колажи и додавање напредна реконструкција на боите,“ соопштија од NASA.
Секој може да ги преземе необработените датотеки и да даде свој придонес на страницата на заедницата JunoCam, која исто така содржи дискусии и пристап до дебати.