Некои корисници преферираат испраќање гласовни пораки наместо пишување, додека други го избираат спротивното, а сега апликацијата WhatsApp понуди многу корисно решение.
Станува збор за функција која овозможува транскрипција на гласовни пораки, претворајќи ги во текст. Од WhatsApp велат дека гласовните пораки ќе бидат претворени во текст „за корисниците да можат да останат во тек со разговорот без разлика што прават истовремено“.
„Транскриптите се креираат на вашиот уред, така што никој, дури ни WhatsApp, не може да ги слушне или види вашите приватни пораки,“ порачуваат од WhatsApp.
Моментално, транскриптите се поддржани за англиски, португалски, шпански и руски јазик на уреди со Android, додека iOS 16 „покрива“ дополнителни јазици, вклучувајќи француски, германски, италијански, јапонски, корејски, турски, кинески и арапски. Корисниците на iOS 17 и понови верзии имаат на располагање уште дански, фински, хебрејски, малајски, норвешки, холандски, шведски и тајландски.
Транскриптите за гласовни пораки се активираат со следење на чекорите: Settings – Chats и избор на опцијата. За транскрипција на порака, потребно е долг притисок врз неа и избор на опцијата „transcribe“.
Новата функција пристигнува до корисниците ширум светот, а во иднина ќе бидат додадени уште повеќе јазици.