Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати
Во рамките на Европската недела на претприемништво, Агенцијата за поддршка на претприемништвото успешно го реализираше настанот Mentor Awards 2023, кој се одржа како дел од активностите на Програмата – Стандардизирани менторски услуги. Настанот поддржан од Јапонската Агенција за Меѓународна Соработка – JICA, имаше за цел да ја истакне важноста на мисијата на менторите во унапредувањето на работењето на македонските мали и средни претпријатија.
Добитник на наградата за најуспешен ментор за 2023 година е Неби Јусуфи од Регионалниот центар Тетово, кој се истакна со својата експертиза, посветеност и позитивно влијание врз корисниците и со својата работа постигна значајни резултати. Најдобриот ментор за минатата годинаго избра жири составено од ментори.
На настанот, менторите од шесте Регионални Центри имаа можност да презентираат по еден значаен пример на спроведена менторска услуга во нивниот регион. Во рамките на Mentor Awards 2023, согласно Методологијата за спроведување на стандардизирани менторски услуги во мали и средни претпријатија за период 2024-2029, Агенцијата и додели Овластување за Инструктор за обука во пракса на Евгенија Лисичова, додека на Никола Димковски (Комуникациски вештини) и Тони Цветановски (Управување со човечки ресурси) им додели Овластување за Обучувачи за теоретска настава.
Овие овластувања претставуваат важен чекор во создавањето на генерација квалификувани обучувачи, кои ќе го пренесуваат знаењето и искуството за унапредување на претприемништвото во земјата. Настанот ја потврди важноста на менторството како клучен фактор за успехот на македонските компании. Менторите, преку спроведување на стандардизираните менторски услуги, го ставија во функција своето долгогодишно знаење, обезбедувајќи насоки за развој, раст и одржливост на корисниците на овие услуги.
Претходниот ден, тим од Агенцијата за поддршка на претприемништвото предводен од в.д директорката Даниела Димовска оствари плодна средба со претставници на невладини организации кои работат во областа на економијата, претприемништвото и иновациите. Беа разменети мислења и идеи и беа поставени основи за идна соработка и за поддршка и развој на претприемничките иницијативи.
Покрај тоа, во текот на Европската недела на претприемништвото, Агенцијата реализираше низа активности со цел да го истакне значењето на претприемништвото и да обезбеди поддршка за младите и бизнис заедницата. Беа спроведени посети во средните училишта „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Лазар Танев“, при што учениците имаа можност да се запознаат со основните принципи на претприемништвото и програмите и мерките кои ги нуди Агенцијата, а беа организирани и работилници за поддршка на младите претприемачи, каде што беа презентирани успешни претприемачки модели и стратегии.
Како дел од одбележувањето, претставници од Агенцијата ги посетија и фирмите „Винарија Чифлик“ од Битола и „СВАРОГ“ од Прилеп, компании кои се и корисници на мерката менторство што ја спроведува Агенцијата со цел да ја истакнат важноста на поддршката за мали и средни претпријатија и да ги охрабрат во нивниот понатамошен развој.
Со овие активности, АППРМ потврди дека е клучен партнер во развојот на претприемништвото во земјата, обезбедувајќи платформа за инспирација, поддршка и промоција на нови иницијативи кои ќе ја зајакнат економијата и ќе ја подготват следната генерација успешни претприемачи.