Медицинскиот центар NYU Langone Health соопшти дека успешно извршил двојна трансплантација на бели дробови кај 57-годишната пациентка Шерил Мехркар, кај која е дијагностицирана хронична опструктивна белодробна болест (COPD), воспалителна состојба што го попречува протокот на воздух во и од белите дробови.
Мехркар наследила генетска предиспозиција за белодробни болести и ѝ била дијагностицирана COPD кога имала 43 години, а нејзината состојба се влошила кога се заразила со коронавирус во 2022 година.
Меѓутоа, пред тоа Мехркар била многу активна – возела моторцикл, се занимавала со нуркање и била сопственичка на црн појас во карате заедно со нејзиниот сопруг Шахин. Сепак, поради болеста ѝ била неопходна трансплантација, која ја чекала до октомври.
Нејзината операција е историска, бидејќи хирурзите користеле роботски систем Vinci Xi, кој претходно бил користен за трансплантација на едно белодробно крило. Лекарите се подготвувале шест месеци за операцијата на трансплантација на два бели дробови, која траела седум часа. За да ја усовршат процедурата и работниот процес, извршиле три роботски трансплантации на едно белодробно крило во период од пет недели.
Благодарение на роботската процедура, пациентите чувствуваат помалку болка и побрзо закрепнуваат, вели д-р Стефани Чанг.
„Д-р Чанг беше искрена. Ми рече дека би сакале роботски да трансплантираат два бели дробови, но дека досега тоа не го направиле, па јас би била првата во светот. Исто така, призна дека можеби нема да успеат и ми советуваше да не очекувам премногу. Додаде дека, во случај на неуспех, едниот бел дроб ќе биде трансплантиран роботски, а другиот рачно. Потполно им верував, бев возбудена, но и свесна за ситуацијата. Сепак, кога се разбудив по операцијата, ми соопштија дека била успешна“, изјавила Мехркар за People.
Нејзиното дишење се подобрило по операцијата и била пуштена дома. Трансплантацијата ѝ го променила животот, бидејќи претходно не можела да се движи низ просторијата без да има проблеми со дишењето.