Освен производниот капацитет од енергија на ветер и сонце од 70 GW, огромниот објект ќе произведува и еколошки одржлив водород и амонијак, што ќе може да ги задоволи сите енергетски потреби на Австралија.
Во Австралија се развива проектот Western Green Energy Hub, еден од најголемите во светот во индустријата за обновливи извори на енергија. Проектот вклучува изградба на голем парк на ветерници, со околу три илјади ветерници, како и серија од околу 35 соларни фарми, на кои би можело да има до 25 милиони фотоволтаични панели за производство на електрична енергија.
Електрана поголема од Словенија
Предлогот е огромниот проект да биде лоциран на некогаш недоделена национална земја во сојузната држава Западна Австралија, на нејзиниот краен југоисток. Проектот би можел да се простира на 22.690 км² – што е за споредба површина за околу 10% поголема од Словенија. Вкупниот капацитет за производство на електрична енергија би можел да достигне 70 GW, зависно од енергетскиот микс и конечната големина на фотоволтаичните и ветерните постројки.
Освен серијата ветерници и соларни фарми, проектот ќе вклучува постројка за производство на зелен водород преку електролиза, дата-центри и електрична инфраструктура со сите потребни системи за водено ладење. Други компоненти на проектот ќе вклучуваат погон за производство на зелен амонијак, работнички населби и инфраструктурен коридор до брегот. Крајбрежните и морските компоненти ќе опфаќаат пристаниште, постројка за десалинизација, цевководи за солена вода и цевководи за извоз на амонијак.
Годишното производство на електрична енергија од целосно обновливи извори на крајот би можело да достигне 200 TWh (приближно доволно за сите потреби на цела Австралија), заедно со 4 милиони тони водород и 22 милиони тони зелен амонијак. Сепак, планот е голем дел од произведената електрична енергија да се извезува, бидејќи во наредните години и децении се очекува зголемена побарувачка за енергија од обновливи извори.
Според предлогот, кој официјално го објави Австралиската агенција за заштита на животната средина, доколку проектот ги добие сите потребни одобренија, изградбата би можела да започне во 2028 година. Таа ќе се одвива во фази, а за целосно завршување би можеле да поминат и 30 години. Проектот би можел да чини околу 100 милијарди австралиски долари и да стане еден од најголемите енергетски инфраструктурни проекти во светот. Негови извршители ќе бидат компаниите InterContinental Energy, CWP Global и Mirning Green Energy.