Шефот на Instagram, Адам Мосери најави нова опција за оваа социјална мрежа, која носи коренити промени.
Како и сите други социјални мрежи, Instagram исто така користи алгоритам кој постојано учи за своите корисници и врз основа на нивната активност прикажува содржини за кои мисли дека би можеле да им бидат интересни. Но, со текот на годините, интересите на корисниците се менуваат и нешто што им беше интересно пред неколку месеци можеби веќе нема да им биде толку важно. Исто така, понекогаш следат одредени профили и теми само заради работа, но доколку сменат работа и таа содржина им стане неинтересна, алгоритмот ќе продолжи да ја сугерира, барем за некое време.
За вакви ситуации Instagram подготвува нова опција. За почеток почнаа со тестирање, додека „наскоро“ таа опција би требало да биде достапна на глобално ниво.
Станува збор за можност за целосно рестартирање на алгоритмот, односно враќање на почетните поставки. Како што објасни првиот човек на Instagram, Адам Мосери, тоа е голема работа и не е нешто што луѓето треба често да го прават, туку само кога веќе не се задоволни од своето искуство во користењето на таа социјална мрежа. Ресетирањето ќе се однесува на содржината прикажана на главната страница на Instagram, како и на Reels и на страницата Explore. Исто така, по ресетирањето на алгоритмот, корисниците ќе имаат можност да ги гледаат луѓето што ги следат на таа социјална мрежа за да можат едноставно да престанат да следат профили чија содржина повеќе не им е важна или интересна.
Сепак, корисниците на почетокот нема да бидат среќни бидејќи, откако ќе го вратат алгоритмот на почетните поставки, Instagram ќе им биде помалку интересен. Имено, Мосери вели дека алгоритмот во суштина веќе нема да знае ништо за корисникот и дека ќе биде потребно извесно време за повторно да научи кои се неговите интереси и во каква содржина ужива, па тоа искуство со текот на времето треба да се подобри.
Instagram со новата опција на своите корисници им дава уште една опција за поголема контрола врз содржината што им се прикажува. Корисниците веќе можат да означат објави кои ги интересираат или не, за да му кажат на алгоритамот колку се интересни или неинтересни, а исто така постои можност и за криење на објави кои содржат одредени зборови или изрази.
Иако тие опции се создадени за подобро да управуваат само со одредени препораки за содржина, „Instagram“ вели дека со враќање на алгоритмот на неговите првични поставки, тие сакаат да овозможат управување со сите препораки и содржини што им се прикажани, така што, по неколку недели користење, таа содржина би можела да изгледа сосема поинаку во споредба со периодот пред ресетирањето.