Истражувањата спроведени на стаорци покажале дека изложеноста на сина светлина од екрани може да го забрза растот на коските и да предизвика рана пубертетска фаза, потенцијално доведувајќи до помала висина поради прерано зреење на коските.
Новото истражување открива дека изложеноста на сина светлина, како онаа од паметни телефони и таблети, може да го забрза растот и стареењето на коските, предизвикувајќи рана пубертетска фаза кај стаорците. Оваа студија ги истакнува потенцијалните ефекти на уредите кои емитуваат сина светлина врз растот и развојот, предупредувајќи за долгорочните здравствени импликации кај децата.
Плочи на раст
Како што објаснуваат турските истражувачи на 62. годишен состанок на Европското друштво за педијатриска ендокринологија во Ливерпул, растот на децата се одвива преку изолжување на долгите коски, како што е бутната коска, кои прогресивно се издолжуваат на секој крај. Области од мазна, еластична `рскавица познати како „плочи на раст“ на крајот се стврднуваат, со што растот во висина запира. Девојчињата обично престануваат да растат и ја достигнуваат својата максимална висина помеѓу 14 и 16 години, додека момчињата го завршуваат растот помеѓу 16 и 18 години.
Сепак, последниве години, неколку студии пријавија пораст на случаите на рана пубертетска фаза и кај девојчињата и кај момчињата. Иако на почетокот можат брзо да растат, овие деца често престануваат да растат порано од очекуваното. Еден од факторите може да биде зголемената употреба на уреди кои емитуваат сина светлина.
Наоди од студијата
Истражувачите од Универзитетот Гази во Анкара ги изложиле младите стаорци на сина светлина и откриле дека нивните коски растат побрзо, потврдувајќи ги претходните наоди дека сината светлина може да предизвика порано влегување во пубертет. Сепак, досега оваа поврзаност не била детално проучувана во контекст на растот на коските и пубертетскиот развој.
„Ова е првата студија која покажува дека сината светлина може потенцијално да влијае на физичкиот раст и развој. Бидејќи ова е студија на стаорци, не можеме со сигурност да кажеме дека истите резултати ќе важат и за децата, но податоците укажуваат дека продолжената изложеност на сина светлина го забрзува растот и созревањето на плочите на раст, што доведува до рано растење и пубертет“, објаснуваат истражувачите. Сега тие сакаат да истражат како изложеноста на сина светлина пред пубертетот влијае на висината и развојот на скелетот кај возрасни стаорци.
„Сакаме да ги истражиме долгорочните ефекти од изложеноста на сина светлина пред пубертетот и да дознаеме дали времетраењето или интензитетот на изложеноста имаат реверзибилни или трајни последици врз скелетот во подоцнежниот живот. На крајот“, велат истражувачите, „ова истражување би можело да доведе до превентивни мерки за безбедно користење на екрани за време на детскиот развој.“