Оддалечените ѕвезди најчесто изгледаат како точкести извори на светлина, но телескопот VLTI на Европската јужна опсерваторија успеал да сними една од нив, на растојание од 160.000 светлосни години, со малку повеќе детали.
Ѕвездата WOH G64 се наоѓа на растојание од околу 160.000 светлосни години од Земјата и, уште поважно, надвор од нашата галаксија, Млечниот пат. Таа се наоѓа во Великиот Магеланов Облак, една од помалите галаксии кои орбитираат околу нашата, а астрономите ја познаваат како див “бехемот”, ѕвезда околу две илјади пати поголема од нашето Сонце. Таа припаѓа на класата на црвени супердивови и како таква е идеален кандидат за набљудување со телескопот со висока резолуција VLTI (Very Large Telescope Interferometer).
Супернова во настанување
Нова фотографија на ѕвездата WOH G64 е направена во Европската јужна опсерваторија во Чиле и ова е прва фотографија на некоја ѕвезда која дава повеќе детали од само точкаст извор на светлина, надвор од нашата галаксија. На сликата се гледа дека таа е во процес на “умирање”, односно исфрла гасови и “дува” вселенска прашина околу себе, во една од последните фази од животот пред да експлодира и стане супернова.
Иако астрономите досега снимиле околу дваесетина “зумирани” фотографии на ѕвезди во нашата галаксија, откривајќи ги нивните својства во детали, безбројни ѕвезди живеат во останатите галаксии, а толку се далечни што детален надзор на било која од нив беше изразито предизвикувачки, велат астрономите од чилеанскиот Универзитет Андрес Бело. Тие го користеле новиот инструмент GRAVITY на телескопот VLTI за снимањето на оваа фотографија, а сега собраните податоци покажале уште една куриозитет. Набљудуваната ѕвезда е, всушност, нешто потемна сега отколку на сликите направени во текот на минатото десетлетие.
Неочекувана структура
“Откривме дека ѕвездата претрпува значителни промени во последните 10 години, давајќи ни ретка прилика да сведочиме за животот на ѕвездата во реално време”, изјави Герд Веигелт, професор по астрономија на Институтот Макс Планк, коавтор на студијата објавена во списанието Astronomy & Astrophysics. Во своите последни животни фази, црвените супердивови како WOH G64 ги отфрлаат своите надворешни слоеви од гас и прашина во процес кој може да трае илјадници години. “Оваа ѕвезда е една од најекстремните од овој вид и секоја драстична промена може да ја доведе поблиску до експлозивниот крај”, вели Веигелт.
Токму отфрлањето на материјалот е заслужно за неправилните форми кои ги гледаме на нивните фотографии, некаква “кокона” околу ѕвездата. Дополнително, научниците биле изненадени од издолжената форма на облакот околу ѕвездата, која е различна од онаа предвидена со компјутерските симулации. Може, велат, да дошло до изобличување под влијание на гравитацијата на некоја блиска ѕвезда, која допрва треба да биде откриена, или пак поради необичното дејство на самата ѕвезда.
Првата фотографија на ѕвездата WOH G64 во целосна резолуција можете да ја најдете ТУКА.